Американската Агенција за храна и лекови (ФДА) го одобри првиот орален лек за третман на постпородилна депресија, под назив „Зурзува“ (Zurzuvae).
Ова е воедно и единствен орален третман за постпородилна депресија, којшто се зема еднаш дневно, за 14 дена и може да доведе до брзо подобрување. Досега, лекувањето на постпородилната депресија во САД беше можно само преку интравенска интервенција на лекот во здравствените установи. Според компанијата производител, лекот би требало да биде достапен во последното тримесечје од 2023 година.
Постпородилната депресија обично се јавува по пораѓањето, но може да почне и при крајот од бременоста. Исто како и другите видови депресија, и тука симптомите вклучуваат долготрајна тага, губење енергија, самоубиствени мисли и намалена способност за доживување задоволство. Се проценува дека една од седум жени искусуваат симптоми на постпородилна депресија само во САД, известува ФДА.
– Постпородилната депресија е можно опасна состојба по живот кога жената чувствува тага, вина, безвредност – во потешки случаи, може и да си наштети себеси или на бебето. И, бидејќи постпородилната депресија може да го наруши односот мајка – дете, може да има последици и врз физичкиот и емоционалниот развој на детето. Пристапот до орални лекови ќе биде корисен за многу жени кои се справуваат со екстремни и понекогаш опасни по живот чувства, појасни Тифани Фарчионе, психијатарка во Центарот за евалуација на лекови на ФДА.
Клиничките испитувања покажаа дека пилулата значително ги намалува симптомите на депресија во рок од три дена. Ефектот на лекот трае четири недели по последната доза, соопшти ФДА.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.