Укинувањето на мерките може да доведе константниот број на новозаразени од околу 80-ина дневно да продолжи уште долго време. Велигденско-бајрамскиот мини-врв на преносливоста е веќе зад нас и ефективниот репродукциски број Rt постепено се намалува кон единица (на првиот дијаграм). За среќа, Rt не остана долго над единица, па немаше време дневните бројки на новодијагностицирани значително да порастат, пишува во својата нова ковид анализа проф.Дејан Трајковски.

Тој посочува дека поучени од развојот на настаните од минатата година, логично е да очекува намалување на заразувањето, а дневниот број на нови случаи да се намали до ниво на спорадично заразување, односно околу 25 случаи дневно.

Но, да не испуштаме од предвид дека минатото лето имавме макар минимални мерки во сила, односно носење маски во затворени простории, освен – се разбира – во кафеаните. Сега ја немаме ни таа мерка, па можно е бројот на спорадични случаи да биде поголем од 20-25 дневно.

Ќе почекаме 2-3 недели, доволно да се оддалечиме од овој празничен скок на преносливоста, за да извлекуваме подолгорочни заклучоци. Да не заборавиме дека новите потсоеви BА4 и BA5 на омикрон сојот веќе пристигнаа во Европа и полека започнаа да се шират. Кон ова треба да се додаде уште дека имунитетот против заразување само од прележување (но и само од вакцинирање), после 4 месеци од врвот на бранот на омикрон сојот веќе бледнее. Тоа ќе предизвика многу од прележаните лица одново да станат сусцептбилни (чувствителни, подложни) на реинфекција.

Овој факт, заедно со укинувањето на мерките и отсуството на секаква грижа кај населението може да доведе сегашниот приближно константен број на новозаразени од околу 80-ина дневно (секако поднамален поради летото) и бројот на активни случаи од неколку стотици да продолжи уште долго време, можеби дури до доаѓањето на есента или до пристигнувањето на новите потсоеви BА4 и BA5. Тоа е она што се нарекува ендемија – вирусот никогаш не исчезнува, туку продолжува да циркулира без поголеми избувнувања цело време на дадена територија. Но, да почекаме уште еден месец и ќе знаеме подобро, пишува тој.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.