За заболените лица од рак мора да се обезбеди најсовремена терапија, смета сопругата на претседателот, Елизабета Ѓоргиевска која учествуваше на панел дискусијата „Пристап до третман и до услуги за рано детектирање”. Трибината се одржа во Европската куќа во Скопје, а по повод одбележувањето на 4 февруари, Светскиот ден на борба против ракот.

Сите знаеме дека последните месеци имаше проблем во снабдувањето со терапија. Тоа навистина не смее да се случува односно тие пациенти мораат да ја добијат најсовремената терапија. Сега имаме иновативни лекови коишто можат многу да направат, рече Ѓоргиевска.

Во дискусијата освен проф. д-р Ѓорѓиевска учестуваа и проф. д-р Горан Димитров, претседател на Македонското лекарско друштво, директорот на Институтот за јавно здравје, д-р Шабан Мемети, Емануела Додева од Здружението ЕЗРА и д-р Никола Брзанов, претседател на Клубот на млади лекари.

Обраќајќи се пред присутните на настанот, сопругата на претседателот, Ѓоргиевска истакна дека во борбата против ракот значајна е адекватната промоција на здравите навики во кои спаѓаат правилниот начин на живот, правилната исхрана и физичката активност. Според Ѓоргиевска, исклучително е важна и секундарната превенција при што државата треба да обезбеди да може секој да биде подложен на раните скрининзи.

Исклучително е важно секоја жена и секој поединец да има достапност до овој ран скрининг затоа што, сите знаеме, превенцијата колку и да чини, сепак е многу помалку отколку да се третира. И не само економски, туку исклучително е важно да се посвети многу внимание на психолошкиот момент кај болните од канцер, истакна сопругата на претседателот, додавајќи дека исклучително е важно и психолошкиот момент да се третира кај овие пациенти и кај нивните семејства затоа што ова претставува болест на целото семејство.

На настанот, претставниците од здравствените установи и граѓанскиот сектор и пациентите дискутираа за пристапот до третман на заболените од рак, пристапот до услугите за негово рано детектирање и други прашања поврзани со состојбите на оваа болест кај нас кои имаат есенцијална важност.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.