Одделот за педијатрија при ЈЗУ Клиничка болница „Д-р Трифун Пановски“ Битола денеска доби ехо апарат, донација од Јапонската амбасада, во вкупен износ од 52.779 евра.

Јапонскиот амбасадор Савада Хиронори денеска присуствуваше на церемонијата за комплетирање на GGP-проект во битолската болница. Церемонијата, како што соопшти Јапонската Амбасада, беше организирана од страна на градоначалникот на Битола Тони Коњановски и директорот на болницата Александар Обедниковски, во знак на благодарност за донацијата.

Ова е прв ваков апарат на педијатриското одделение во последните 25 години и претставува огромна придобивка за јавното здравство во Битола и пошироко во југозападниот регион на земјата, изјави Обедниковски.

Амбасадорот Савада истакна дека децата повеќе нема да чекаат долго за преглед и дијагноза и ќе се намали потребата да бараат помош во далечните клиники што создаваше дополнителен трошок за нивните семејства.

Во текот на посетата, амбасадорот Савада имаше кратка средба со Коњановски и Обедниковски, на која тие разговараа за можностите за идна соработка.

Преку GGP, досега, Јапонија финансираше над 60 проекти во здравствениот сектор во вкупна вредност од повеќе од три милиони евра конкретно во медицинска опрема, реновирање на клиники и возила за брза помош. Дополнително, Јапонија во последните две години ги опремува јавните здравствени установи со медицинска опрема во вредност од 813.000 евра како итна помош за Ковид-19, дел од Програмата за економски и социјален развој и дополнителна нефинансиска помош понудена во лекови за 100 пациенти со Ковид-19.

Преку проектите од програмата за мали грантови (GGP), Јапонија има финансирано реновирање и набавка на опрема за повеќе од 73 училишта и градинки, 64 здравствени установи и обезбеди 34 специјализирано возило за управување со отпад и комунални услуги за 51 општинa, се наведува во соопштението на Амбасадата на Јапонија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.