Осум месеци немаме инсулински игли, ленти за мерење шеќер, глукомери, зошто нема антидијабетна терапија, а договорите се потпишани пред три месеци, прашуваат дијабетичарите во отвореното протестно писмо испратено до јавноста кое е е потпишано од Диме Велев, Претседател на Созујот на здруженија на дијабетичари на Македонија (СЗДМ).
Нашето трпение се потроши повеќе и од инсулинските игли, лентите за мерење на шеќерот, глукомерите и исто како што и терапијата ни ја снемува по некој месец! Предоволно и премногу е да продолжиме да бидеме игнорирани, дискриминирани и понижени. Доста е!
Денеска како Сојуз на Здруженија на дијабетичари го изразуваме нашиот голем револт и гнев, но и став дека е недозволиво ОСУМ месеци да нема(в)ме инсулински игли, ленти, апаратчиња за мерење на шеќер. Тука сме да го изразиме нашиот револт и што на крајот на секој тендер и почетокот на нов тендер речиси по правило немаме доволно инсулин и друга антидијабетична терапија. Револтирани сме и поради тоа што не можеме ни да Ве пофалиме за новата терапија која ни ја обезбедувате на тендер ама и по неколку месеци не можеме да ја добиеме. Прашуваме, каде Ви е сега „пречката или проблемот“ и после 90 дена потпишани договори за набавка на Антидијабетна терпија ја нема?!, се вели во писмото.
Според последниот извештај на Институтот за јавно здравје, само минатата година новодијагностицирани се 7.460 пациенти, а вкупниот број на евдиентирани случаи со дијабетес во нашата држава е 135.690.
Тоа значи дека речиси 136 илјади граѓани во оваа држава мака мачат, живеат под сериозен стрес и имаат секојдневни проблеми поради нивната хронична состојба. Ако се додат и семејствата, бројката е навистина многу поголема, односно скоро една четвртина од вкупното население во Македонија се соочува со последиците од дијабетесот.
Наместо државата да ни помогне и да ни го олесни секојдневното живеење, ние сме соочени и доведени во ситуација да не знаеме дали ќе го преживееме утрешниот ден, дали ќе се разбудиме следното утро и ќе ги видиме нашите деца, родители, баби и дедовци.
Доведени сме во ситуација на дополнителен стрес којшто влијае врз нашата и така влошена здравствена состојба. Зошто? Поради тоа што постојано помегу две тендерски постаки сме оставени без доволни количини на потребни инсулини или таблети, незамисливо и недозволиво 8 месеци немаме апаратчиња и ленти за мерење на шеќерот во крвта.
Од вкупно 12 месеци во една година 8 месеци сме оставени самите на себе, да се снаоѓаме како знаеме и умееме за да преживееме, за замислете за сето тоа време имаме здравствено осигурување, реагираат од СЗДМ.
Во писмото се вели дека во 21. век, пациенти меѓу себе си разменуват од терапијата, од иглите, од лентите и од апаратчиња за шеќер.
Наместо да им олесниме на децата и да не ги боцкаме по 10 пати во денот, наместо да им овозможиме убаво детство, тие секојдневно се мачат. Каде се сензорите? Заглавени повторно во „трач муабет на пациентите“ „кај плачковците пациенти и родители“ или во Ваши некакви правни лавиринти!
Ние знаеме колкава е болката кога нашите деца плачат за лек, за сензори, за ленти за мерење на шеќерот, а ние немаме финансии да им го обезбедиме тоа! Но, дали и тие, одговорните за овој плач и болка, знаат колку боли и дали се свесни за болката што ни ја предизвикуваат?!
Зарем како систем сме толку незрели и не можеме да научиме од сопствените грешки и истите да не ги повторуваме на секои две години. Ако не сме кадарни да научиме тогаш ајде да немаме тендери, дајте ни можност за слободен пристап до нашата потребна терапија и потребните помагала, се додава во писмото.
Неодговорно е во инсулинските аптеки постојано да ни се вели : „Дојди утре, дојди за два дена, дојди следната недела“, “ти следуваат пет пенкала ама ќе ти дадеме 3, другите две наредниот месец ако има”, “крај на тендер е немаме од тој инсулин оди кај докторот да ти ја смени листата на тоа и тоа (тоа што се нашло во аптека)” и т.н.
Од Сојузот потсетуваат дека имале средба со министерот за здравство Фатмир Меџити.
После средбата со Министерот за здравство и неговиот кабинет, заедно, на 21 јули 2023 година со Претседателот на Националната комисија за дијабетес и Директорот на Клиника за ендокринологија, дијабетес и метаболни состојби, на која Баравме а не преговаравме, на која Инсистиравме а не договоравме, ВИЕ како МИНИСТЕРСТВО ЗА ЗДРАВСТВО И ПИСМЕНО ни ветивте:
– АНТИДИАЈБЕТНА ТЕРАПИЈА за сите ќе биде достапна од 27 јули 2023 год.
– Ленти и Глукомери за сите ќе биде достапно за 10 дена, а затоа што знаевме и бевме убедени дека НЕМА да ги добиеме дадовме уште 10 дена!
ДЕНЕС НЕМА ЛЕНТИ И ГЛУКОМЕРИ! Договорниот економски оператор „Др. Пановски“ кажува едни информации, Вие како МЗ други информации, во договорот стојат најлошите рокови за сите нас!
ДЕНЕС ИМА ПАРЦИЈАЛНА АНТИДИЈАБЕТНА ТЕРАПИЈА само за дел од постојните пациенти, пред да се потпишат новите договори од новите тендери!
Една држава е здрава и силна само доколку инвестира во јавниот здравствен сектор и истиот го одржува во кондиција, редовно и навремено да има терапија и третман за секого!
Нашата крајна цел е токму тоа, континуирано обезбедување на современа инсулинска и друга антидијабетична и таблетарна терапија и помагала за мерење на шеќер за сите пациенти во секое време!
На крај би сакале да Ве потсетиме дека сите ние сме даночни обврзници и плаќачи на придонеси за задолжително социјално осигурување, средства од кои Вие како администрација која треба да биде во служба на граѓаните ги земате Вашите плати, се вели во протестното писмо.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.