Научниците го потврдија постоењето на нова варијанта на коронавирусот, која е мутација од варијантите омикрон и делта. Првите случаи на новооткриената варијанта веќе се забележани во Европа и САД, објавија регионалните медиуми, додавајќи дека новата хибридна варијанта неофицијално се нарекува „делтакрон“.

Тоа беше потврдено со секвенционирање на геномот спроведено од научници од Медитеранскиот институт за инфекции во Марсеј, Франција.

Се вели дека хибридната варијанта е откриена во неколку региони на Франција.

Според меѓународната база на податоци, случаи на „делтакрон“ се откриени во Данска и Холандија.

Од друга страна, калифорниската компанија за генетско истражување „Хелилс“ во посебна студија идентификувала два случаи на „делтакрон“ во САД, а според „Гардијан“ околу 30 случаи биле идентификувани во Обединетото Кралство.

Новата хибридна варијанта е создадена со процес наречен рекомбинација, што значи дека две варијанти на вирусот заразиле ист пациент во исто време, разменувајќи генетски материјал за да создадат ново потомство.

Научниците велат дека јадрото на „делтакрон“ потекнува од делта варијантата, додека неговиот шилест протеин – кој му овозможува на вирусот да влезе во клетките домаќини, потекнува од омикронот, се вели во документот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.