Нема простор за страв, конго-кримската хеморагична треска (ККХТ) не е болест која се пренесува лесно, пренесувањето е исклучиво по пат на каснување од крлеж кој е заразен со вирусот. Но, не е секој крлеж заразен со некој вирус, изјави д-р Александар Петличковски, претседател на Комисијата за заразни болести.
Министерот за здравство Фатмир Меџити утрово одржа консултација со членовите на Комисијата за заразни болести, каде се анализираше актуелната состојба со ККХТ во државата. Состанокот го иницираше Меџити, каде порача дека здравствениот систем навремено и соодветно одговори по детектирањето на првите случаи на ККХТ.
Во земјава има три регистрирани случаи на заразени со ККХТ. На 30 јули почина 27-годишна жена од Штипско по убод од заразен крлеж, па од неа се зарази болничарка од Клиниката за инфективни болести, која веќе заздравува. Вчера беше соопштено дека третиот заразен е 42-годишен велешанец, кој најверојатно бил каснат од крлеж при рибарење во реката Вардар.
Крлежи има многу, особено во летните месеци, глобалното затоплување придонесува за нивна поинтензивна активност. Но, не е секој крлеж заразен со некој вирус. Така што, не се забранува на луѓето да излегуваат на отворени површини, но кога ќе излегуваат, треба да имаат предвид и да бидат позаштитени. Риболовци, ловџии, сточари се оосбено изложени на оваа опаснсот, особено и здравствените работници кои се изложени и треба повеќе да се заштитуваат при контакт со сомнителни пациенти, изјави д-р Петличковски.
Тестови за оваа болест, како што кажа, во моментот има доволно, а дополнителна количина е нарачана и се очекува да пристигне.
И терапијата којашто има некаков ефект, е достапна што значи дека колку што може да биде подготвена една држава за ваква ендемска болест, ние сме подготвени, истакна Петличковски.
Министерот истакна дека брзата реакција на здравствените власти, спречија нови сценарија во форма на експоненцијален раст на број на нови случаи со ККХТ.
Комисијата за заразни болести ќе побара од Владата организирање на акциски план во кој ќе се направи прво проценка на преваленцата на наоѓањето, колку често овие крлежи ги има по различните региони и таму каде што ќе бидат детектирани се планира да се направи една дезинсекција која е клучна превентивна мерка.
За волја на вистината, ако логично размислуваме, врз основа на научните истражувања на Факултетот за ветерина, ние откриваме дека стоката, животните во Македонија се постојано изложени. Тоа не е вирус кој се појавил годинава. Во тие истражување над 30 проценти од различните стоки говеда, овци, кози се со прележан вирус, т. е веќе биле во контакт со вирусот. Меѓутоа, немаме информации за хоспиталиизрани случаи предизвикани од овој вирус, што значи дека е тука, но можнот е да се од таа поблага варијанта, така што луѓето не стигнуваат до болница, изјави д-р Петличковски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.