25-годишниот Јован Димовски од Берово, кој наводно поради сепса предизвикана од забот кој го лекувал во Штипската болница прерано го напушти овој свет, првпат во болницата се јавил на 14 август во 1 часот по полноќ, со изразена флегмонозна состојба на десната страна на вратот со потекло од заб.
Ова е наведено во извештајот напишан од ординирачкиот лекар во болницата во Штип, а кој денеска беше доставен до редакцијата на Плусинфо.
Ординирана е инфузиона терапија, направен е РТГ и извршена е екстракција на забот заради обезбедување на дренажа на гнојната колекција. Следниот ден извршена е и инизија со дренажа. Постинционо, состојбата покажува знаци на подобрување. По три дена пациентот се отпушта со локален уреден наод и со ординирана терапија за дома, како и препорака за контрола. На контролен преглед, локален наод уреден, се вели во извештајот.
Но, таму е наведено и дека истиот пациент во болницата во Штип бил донесен и на 23 август во 04:40 часот со возило на Итната помош од Берово, во тешка општа состојба, кардио-васкуларно нестабилен, со ниска сатурација, фебрилен и со локален наод: крваво-гноева секреција од инцизиона рана на врат, како и од устата.
Пациентот е итно внесен во операциона сала, интубиран и започната интервенција. Поради сериозноста на состојбата, итно е повикана помош од УК МФХ. Оперативниот зафат е завршен околу 10 часот. Пациентот е сместен на одделот за интензивно лекување поради септичната состојба и понатамошна опсервација. Во раните утрински часови, поради влошување на општата состојба, организиран е итен транспорт на КАРИЛ, се вели во извештајот.
Инаку, роднини и блиски пријатели на 25-годишниот Јован на социјалните мрежи обвинуваат дека станува збор за лекарска грешка, односно дека забарот го ставил дренот наопаку, па со тоа се предизвикала сепсата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.