Нов труд којшто ги анализира трендовите на јавното здравје во 195 земји, предвидува дека деменцијата како заболување ќе ја имаат околу 153 милиони луѓе ширум светот до 2050 година. Тоа е околу трипати повеќе отколку во 2019 година.
Тројното зголемување на когнитивните нарушувања со оштетена меморија, вклучително и Алцхајмеровата болест, е поврзано со трендовите во факторите на ризик – дебелината, дијабетесот, ниското образование и пушењето. Испитувањата се објавени во „Глобал бурден оф дезис“ (Global Burden of Disease). Жените кои живеат со деменција и натаму ќе бидат побројни од мажите и наредните 30 години, според истражувањето, поради генетските фактори на опасност и подолгиот животен век, бидејќи ризикот од деменција се зголемува со возраста.
Истражувачите предвидуваат дека Северна Африка, Блискиот Исток и источна субсахарска Африка ќе доживеат најголем пораст на деменција, а бројките ќе се зголемат за четирипати. Спротивно на тоа, помал раст се очекува во побогатите земји во азиско-пацифичкиот регион и во Западна Европа.
Сепак, прогнозата може да се промени доколку се преземат соодветни мерки, се вели во придружниот коментар во истото списание.
Трудот дава „апокалиптични проекции кои не ги земаат предвид препорачаните промени во животниот стил“, велат лекарите од Универзитетската болница во Бордо, Франција – Мајкл Шварцингер и Керол Дуфоил, кои не биле вклучени во испитувањата.
Поради сето горенаведено, надлежни лица се обидуваат да осмислат политики насочени кон справување со опасноста од деменција, која е седма на списокот водечки причини за смрт во светот. Производителите на лекови, исто така, се обидуваат да осмислат терапии за борба против Алцхајмеровата болест.
Дури и скромниот напредок во спречувањето или одложувањето на деменцијата би се исплатувал неверојатно, вели водечкиот автор на испитувањата, Ема Николс од Институтот за здравствена метрика и евалуација при Универзитетот во Вашингтон во Сиетл, САД.
За да имаме најдобри резултати, мора да ја намалиме изложеноста на водечките фактори на ризик во секоја земја, објасни таа.
Иако се барани од многу компании, лековите за Алцхајмерова болест досега покажаа ограничена делотворност во борбата против деменцијата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.