На 27 мај (понеделник) ќе се одбележи Меѓународниот ден за менструална хигиена со настан на тема „#ПрваМенструација“. Настанот почнува во 18 часот со свечено отворање со претставници од Француската амбасада во Скопје, потоа следува квиз на тема „Сеопфатно сексуално образование“. На настанот ќе се промовира книгата #ПрваМенструација и ќе се проектираат кратки филмови и ќе има настап на бендот DOLORES од Србија. Истиот е соработка меѓу организациите Тиииит! Инк.ПEРИОД Скопје и ХЕРА, со поддршка од Француската амбасада во Скопје.

Овој настан е организиран со цел публиката да се информира за значењето на менструалната правда, како конечно да се искорени менструалната сиромаштија и да се срушат табуата и стигмата поврзани со менструацијата. Како главен фокус на овој настан ќе биде поставувањето на диспанзери за бесплатно пристапување до влошки за менструална хигиена. Иницијативата која беше покрената пред неколку години ќе се оствари оваа година, со поддршка од Француската амбасада во Скопје. Со оваа акција МКЦ ќе стане првата јавна културна установа која нуди пристап до бесплатни менструални продукти.

Минатата година Тиииит! Инк. заедно со иницијативата ПЕРИОД.Скопје ја одржаа конференцијата „Кршење на табуата: Менструална правда за сите!“. Истата беше мотивирана од истражувањето спроведено во 2021 година со реактор – истражување во акција, со наслов „Менструална правда: сеопфатна студија за пристапот до менструална хигиена во Република Македонија, проценка на состојбите со менструалната сиромаштија и препораки за унапредување на политиките“, кое даде увид за менструалната правда во нашата земја. Она што е важно да се забележи е дека од 2021 година до денес нашата постои промена на дел од постоечките политики, но сѐ уште се присутни пречки за да се дојде до суштинско надминување на проблемите.

Од организацијата Тиииит!Инк. велат: „Обезбедувањето на пристап до бесплатни менструални продукти е еден од начините за да се искорени менструалната сиромаштија и да се обезбеди достоинствено менструирање. Водејќи се од позитивни примери и успешни иницијативи и практики во други земји, се надеваме дека ова право, а не привилегија, ќе биде достапно за сите лица кои менструираат и во РСМ и дека оваа акција ќе биде поттик и мотивација за да започнат да ја практикуваат и останатите релевантни установи и институции низ градот Скопје и низ целата земја!“



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.