Меѓу 120 и 150 лица што чекаат за трансплантација на бубрег, но реалната листа е многу поголема, изјави денеска Душко Ѓоргиев, претседател на здружението на бубрежно болни граѓани „Нефрон”.
Во отсуство на континуирана и зголемена кадаверична трансплантација, таа листа не се збогатува затоа што треба да се прават типизации и испитувања што чинат многу пари, а имаме многу мал број на кадаверични трансплантации или имаме години кога воопшто немаме. Нашиот апел е ако заживее кадаверичната трансплантација, тогаш и таа листа ќе биде зголемена, појасни тој.
Во државава се проценува дека хроничната бубрежна болест е застапена кај 10 отсто од населението, додека во краен стадиум на болеста на лекување со дијализа се 1.540 лица, покажуваат податоците „Нефрон“, кои под мотото „Унапредување на пристапот до нега и оптимално лекување на бубрежно болните лица“, денеска го одбележуваат Светскиот ден на бубрегот.
Ѓоргиев очекува од оние 1500 – 1600 лица кои се на дијализа, барем една третина да бидат на листата за чекање.
Мораме да пофалиме дека листа за чекање за жив донор од познат дарител веќе не постои, туку секој што ќе обезбеди бубрег од сроден дарител, веднаш, за кратко време додека се направат типизациите, се трансплантира, одговори Ѓоргиев.
Од Здружението рекоа дека најмладиот член на дијализа има четири, а најстариот 92 години.
Директорката на Клиниката за нефрологија, доцент д-р Ирена Рамбабова Бушљетиќ, меѓу другото, нагласи дека водечки причини за развој на хронична бубрежна болест, се уште се дијабетот и хипертензијата.
Светскиот дел на бубрегот се одбележува секој втор четврток од март во повеќе од 150 земји ширум светот. Кај нас се одбележува по 19. пат, под покровителство на Меѓународното здружение за нефрологија (ИСН) и Меѓународната федерација на бубрежни фондации (ИФКФ).
Како најчести причини за откажување на бубрезите, од Здружението „Нефрон“ ги посочуваат дијабетесот и кардиоваскуларните болести. Велат дека превенцијата е клучна за намалување на човечките и економските трошоци за ХББ во терминалната фаза на болеста и затоа е потребен еднаков пристап до скрининг, рана дијагноза и квалитетен третман, како и едукација на пациентите и здравствените професионалци за прифаќање на новите методи и лекови.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.