Од март месец почнува бесплатниот скрининг за 2.000 пациенти на територија на целата држава кои се во ризик од хронично бубрежно заболување.

Граѓаните кои се во ризик, ќе бидат контактирани од страна на здравствените установи и повикани на бесплатен преглед. Скринингот ќе ги опфати следните градови: Тетово, Гостивар, Кичево, Струга, Охрид, Дебар, Битола, Прилеп, Кавадарци, Велес, Железара, Визбегово, Делчево, Гевгелија, Штип, Кочани, Струмица, Куманово и Крива Паланка.

Министерот за здравство Илир Демири и генералниот директор на „Диаверум“ Димитар Клисаровски, денеска информираа дека е обезбеден бесплатен скрининг за 2.000 пациенти во ризик од хронично бубрежно заболување.

Заедно со дијализните провајдери „Диаверум“ и „Нефроплус“, најавуваме отпочнување на проектот „Скрининг на популација во ризик од хронична бубрежна болест“. Заедничките компетенции и ресурси од областа на бубрежното здравје ќе бидат на располагање за што поширок опфат, превенција и подостапна нега на популацијата, што всушност е дел од годинешното мото на Светскиот ден на бубрегот“, рече Демири.

Клисаровски потенцираше дека финансиската реализација на проектот во целост е на здравствените установи „Диаверум“ и „Нефроплус“.

Идејата за отпочнување за ваков скрининг проект постоеше од порано, согледувајќи ја состојбата на пациентите кои започнуваат со дијализа при што во многу случаи пациентите не биле ни свесни дека имаат хронично бубрежно заболување се’ до моментот на почетокот на дијализа што е последниот стадиум на хроничното бубрежно заболување. Министерството за здравство, Управата за електронско здравство, ние – Диаверум и колегите од Нефроплус се вложивме максимално како би можело да се изведе овој проект за бесплатен скрининг на популација во ризик од бубрежни заболувања, достапна за пациентите, изјави Клисаровски.

Клисаровски и Демири апелираа до граѓаните да се искористи можноста за бесплатен скрининг.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.