За да си ги добие трите одземени деца, мајката на 4-годишното девојче кое со гангрена на дланките и стапалата и повреди по телото беше однесено в болница, ќе мора да ги зајакне родителските вештини. Министерката за труд и социјала Јована Тренчевска, вели дека нема податоци од каде е семејството оти немаат документи и покрај бројните повици таквите лица да се евидентираат, но извести дека семејството има уште две деца кои сега ги чува дедото, а во тек е постапка за нивно сместување во згрижувачки семејства.

Се работи за семејство кое не е од Струмица, дојдено е привремено овде. Се работи за семејство со уште три малолетни деца. Во моментов децата се кај нивниот дедо и се работи на тоа да бидат сместени во згрижувачко семејство. Мајката е со детето во Детската клиника во Скопје. Штом се подобри состојбата, се надевам дека ќе се подобри, стручниот тим од Центарот за социјални работи ќе работи со мајката за јакнење на нејзините вештини за родителство, за да може по извесен период, штом Центарот утврди дека мајката ги има капацитетите дека може да се грижи за децата, да им бидат вратени децата. Дотогаш децата ќе бидат згрижени во згрижувачко семејство, каде што ќе им бидат обезбедени сите услови за нормално детство на сите три малолетни деца“, рече министерката Тренчевска денес по отворањето на нова сензорна соба во градинката „Виножито“ во Струмица, донација од Кина.

Дополнителни мерки министерката најави дека ќе бидат преземени откако МВР и Обвинителството ќе го завршат нивниот дел од работата.

За целото семејство ќе биде спроведена постапката за евиденција во Управата за водење матични книги за да можат да бидат вклучени и да ги остварат правата за социјална и детска заштита.

Директорката на Детската клиника, Валентина Цвејоска – Чолаковска, кажа дека детето било донесено во исклучително тешка состојба, потхрането, хигиенски запоставено, со гангренозни промени на прстите на дланките и на стапалата. На Клиниката успеале да ги стабилизираат виталните параметри на девојчето и во тек е нејзино лекување.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.