Од липосукциска, преку медицинска, па сѐ до Дуканова диета. Ова се најчесто пребаруваните диети во 2021 година.
Липосукциска диета
Липосукциската диета е погодна за сите оние што сакаат да ослабат до 10 килограми за релативно краток временски период, со помош на едноставна и лесно достапна храна. Оваа диета бара посебен режим, кој се базира на зголемено внесување масти и протеини и намалено внесување јаглехидрати. Според правилата, диетата трае 10 дена, две, три недели или еден месец. За време на диетата се користат одредени додатоци во исхраната, односно аминокиселини, кои помагаат во регулација на масното ткиво. Аминокиселините го активираат ензимот липаза, кој дејствува на зголемената употреба на мастите за да се добие потребната енергија. Ова е природен процес благодарение на кој може да се изгубат до 10 отсто од телесната тежина. Дозволена храна се сите видови посно месо, јајца, риба, сирење, млечни производи, газирана вода, сокови од зеленчук, чаеви, ориз и сите жита, свежо овошје и зеленчук. Забранети се сите видови шеќер, индустриски преработено месо, силни зачини, алкохолни пијалоци, газирани сокови, сушени овошја, бело и соино брашно и пекарски производи.
Медицинска диета
Болничката или медицинска диета е една од најпознатите исхрани во светот, а особено е популарна поради ветувањето дека за три дена ќе изгубите три килограми. Називот ѝ е медицинска бидејќи често им се препорачува на срцеви пациенти, со цел да ги изгубат вишокот килограми пред операција.
Богата е со оброци со пилешко месо, зеленчук, овошје и значително зголемено внесување вода и незасладени сокови. Билни зачини, сок од лимон, оцет, сенф и кечап се дозволени како додатоци за храна. Во текот на денот се јадат три оброци, а грицките се забранети. Списокот на непожелна храна вклучува и шеќер, компири, тестенини, слатки, полномасно млеко, масно месо и путер од кикиритки.
Диетата се повторува три до пет дена или помалку. Доколку треба да изгубите повеќе килограми и диетата треба да трае подолго од пет дена, тогаш истото мени се повторува. И така додека не се постигне саканата тежина, со пауза од две недели по 15 дена.
Диета 10 проценти
Оние што ја пробале оваа диета тврдат дека е можно да се симнат десет отсто од телесната тежина за три недели, и тоа само со здрава исхрана и добар план. Овој концепт на слабеење е многу едноставен и се заснова на вистинската комбинација на храна. Самата исхрана се спроведува во четири фази – првата, втората и третата фаза се наменети за слабеење, додека четвртата фаза е посветена на одржување на новата телесна тежина.
Не е важно колку долго сте на диета или во која фаза сте, важно е да направите дваесетдневна пауза откако ќе изгубите 10 отсто од тежината. Паузата се однесува на периодот во кој акцентот е ставен на одржување на новата телесна тежина. Диетата 10 проценти е дизајнирана на таков начин што внесувате само 25 калории за секој килограм од вашата телесна тежина. За да знаете колку калории можете да консумирате, пресметајте: помножете ја вашата тежина со 25 калории и ќе го добиете дневното количество што треба да го внесете. Покрај броењето калории, важно е да пиете доволно течности во сите четири фази, бидејќи тоа ќе го стимулира варењето, но и ќе предизвика чувство на ситост.
Дуканова диета
Исхраната на Дукан е една од најпопуларните во светот и привлекува милиони луѓе, а експертите сѐ уште предупредуваат на нејзините негативни страни. Оваа диета ја практикува дури и војвотката Кејт Мидлтон. Смислена е во 2000 година од францускиот лекар Пјер Дукан, а неговата теорија се заснова на фактот дека протеинот е клучна хранлива материја што помага во долгорочно слабеење.
Исхраната на Дукан вклучува исхрана богата со протеини со малку јаглехидрати и масти. Се состои од четири фази кон кои треба строго да се придржувате: првата фаза е на приспособување, втората фаза е на промена, третата фаза е на консолидација, четвртата фаза е на стабилизација. Во текот на првите две фази, кои се концентрираат на губење на тежината, дневното внесување протеини е повеќе од 40 проценти. Третата и четвртата фаза го ставаат акцентот на одржување на постигнатата тежина, односно она што д-р Дукан го нарекува идеална тежина што се постигнува без чувство на глад и да се влијае на расположението и здравјето. Првите две фази се нешто порестриктивни во споредба со другите две, посебно првата фаза во која е забрането да се јадат здрави масти, овошје и зеленчук. Истражувањата предупредуваат дека диетите како онаа на Дукан се засноваат на висок процент на протеини и минимално внесување јаглехидрати, па се ефективни за слабеење само на краток рок.
Исхрана без јаглехидрати
Исхраната без јаглехидрати овозможува брзо губење на тежината поради нивното недоволно внесување, што предизвикува телото да консумира гликоген и масни наслаги и на тој начин доведува до губење на маснотиите. Имено, оваа диета се заснова на претпоставката дека кога телото нема да внесува доволно јаглехидрати, ќе посегне по енергија од мастите, а со тоа ќе дојде до топење на масните наслаги и слабеење.
Со оглед на тоа дека оваа диета ветува брзо слабеење, не е чудно што се најде на листата на најпопуларни. Основното ограничување во исхраната е да се исфрли од менито храната богата со јаглехидрати, а да се внесе храната богатата со протеини и масти. Преферирана храна се месото, рибата, јајцата, маслиново и кокосово масло, млечни производи, јаткасти плодови, зеленчук, а за време на оваа диета треба да го зголемите внесувањето месо, сирење, јајца, печурки и други производи богати со масти и протеини.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.