Министерот за здравство д-р Фатмир Меџити денеска за нов директор на ЈЗУ Клиничка Болница Тетово го именуваше д-р Илир Демири, соопшти Министерството за здраввство.

Д-р Демири на оваа функција доаѓа од Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, каде работеше како координатор за Ковид-19 центарот.

Доктор Демири кој е специјалист инфектолог поседува богато работно искуство, и на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби работи од 2004 година. Тој од 2007 година е асистент по предметот инфективни болести на Медицинскиот факултет во Скопје, а во 2020 година се стекнува со титулата примариус доктор.

Новиот директор на Клиничката болница Тетово е истакнат професионалец и еден од најпосветените здравствени работници кој се бореше против КОВИД 19 од самиот почеток на пандемијата, велат од МЗ.

Демири е добитник на титулата „Европска личност за 2020 година“. Оваа титула се доделува на лица кои имаат посебен придонес во афирмацијата на хумани вредности, а ја доделува Европското движење, и е признание кое доаѓа од страна на граѓаните.

Д-р Демири исто така е член на Македонското здружение за инфективни болести, како и на Комисијата за заразни болести.

Тој доаѓа на местото на Плумб Вела, кој даде оставка од лични причини.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.