Граѓаните во Македонија се најголеми конзуматори на тутун во споредба со жителите од Југоисточна Европа (ЈИЕ). Високи 48,40% од македонските граѓани пушат цигари, а во ЈИЕ тој процент е 22,30 отсто. Споредбено се земјите од Европа, Македонија се уште ги има најниските цени по кутија цигари што воедно ги прави и најдостапни за популацијата независно од возраста.
Ова се резултатите кои ги објави „Аналитика“ тинк-тенк која на денешниот настан „Преку зајакнување на фискалните и здравствените политики до намалени смртни случаи, спречување на пушење кај младите и зголемени буџетски приходи во Македонија“, ги презентираше резултатите и препораките од претходните две студии на кои работеше, а тоа се: „Влијанието на оданочувањето на цигарите врз намалување на пушење и зголемување на буџетски приходи” и „Влијанието на цените на цигарите и политиките на контрола на тутун врз иницијацијата со пушење кај адолесцентите: Докази од Македонија”.
Негативен тренд за достапноста на цигарите е домашната акциза која е за 36 евра под потребниот минимум во земјите членки на ЕУ каде акцизата изнесува 90 евра на 1 000 цигари, како и нелегалната трговија со цигари која во Македонија е најниска споредбено со земјите од регионот.
Својствено на овие бројки „Аналитика“ работеше на анализа од ефектот од зголемувањето на акцизата врз вкупните приходи и намалување на бројот на смртни случаи поврзани или предизвикани од пушење.
За таа цел при истражувањето „Аналитика“ зема предвид три сценарија преку зголемување на специфичната стапка на акцизата од 10%, 30, 50%, кои покажаа зголемување на приходите од акцизи меѓу 8% и 22,5% односно зголемување меѓу 227 и 312 милиони евра во државниот буџет.
Од здравствен аспект студиите покажуваат дека зголемување на акцизата носи здравствени придобивки, намалување на бројот на пушачи од 3000 до 48000 пушачи и сериозно намалување на бројот на смртни случаи поврзани со пушењето.
М-р Бојана Мијовиќ Христовска која ги презентираше трите сценарија како најопштимално го издвојува зголемувањето на специфичната стапка на акцизата за 30%.
Зголемување на приходите од акциза за 30% покрај тоа што значи прилив од 276 милиони евра во буџетот, носи големи бенефити односно намалување на потрошувачка на цигари за 16%, намалување на број на пушачи за приближно 25000, намалување на бројот на смртни случаи поврзани со пушењето за околу 7000 и намалување на интензитет на пушење на околу 300 цигари годишно. Тоа воедно значи намалување на интензитетот на пушење по број на цигари на жител, подобрено здравје кај граѓаните и секако намалување на смртноста поврзана со пушење и спасени животи“, рече Христовска.
М-р Тамара Мијовиќ Спасова, од „Аналитика“ тинк тенк истакна дека Македонија е една од првите 10 држави во светот по испушени цигари по пушач, а статистиките за младите пушачи од 12 до 15 години изнесуваат 12,4%.
Мијовиќ Спасова потенцира дека иако навидум бројките се мали тие се сериозно високи ако се земе опсег возрата на децата. Таа ги претстави резултатите за адолесцентите кои покажуваат дека речиси 30% од нив обично започнуваат со пушење на возраст од 14 години.
Затоа наведува Мијовиќ Спасова ценовната политика сама нема да доведе намалување на овие бројки затоа потребни се низа алатки за намалување на овој тренд. Истражувањето исто така покажува дека 79% од младите имаат поголема веројатност да почнат да пушат доколку нивниот родител пуши од причина што цигарите им се достапни дома и 62% можат да почнат да пушат доколку пушат и нивните пријатели.
Според истражувањето 80% од младите пушачи не биле спречени да купуваат цигари поради возраста односно поради достапноста на цигарите и не-ценовните политики во државата како и дека цената на цигарите има влијание врз одлуката на младите да започнат со пушење.
Статистиките на „Аналитика“ велат дека зголемувањето на цените на цигарите за 10% ја намалува веројатноста за започнување со пушење кај младите за 3%. Токму поради овие статистики Мијовиќ Спасова посочува дека државата мора да изнајде мерки кои ќе ги ублажат истите.
Анализите за контрола на тутунот на кои работеше „Аналитика“ бележат навистина поразителни бројки за нашите граѓани особено за младите. Затоа неопходно е државата да најде инструмент кој дестимулативно ќе влијае врз пушењето. Неколку од нив се зголемување на акцизите и на цената на цигарите, затоа што ќе послужат како ефикасна мерка во борба против пушењето, намалување на достапноста која може да придонесе за намалување на преваленцата на пушење, зајакнување на имплементацијата на политиките за контрола на тутунот кои го забрануваат пушењето, на јавни места, и кои ќе го ограничат пристапот до тутунски производи за малолетните ученици, но и медиумски кампањи за едукација на родителите за штетните ефекти од пушењето и важноста да се биде здрав пример за своите деца, едукативни и здравствени предавања во наставните програми во училиштата за едукација на младите за негативните ефекти од пушењето, и масовни медиумски кампањи на владата кои ја нагласуваат важноста за живеење здрав живот и живот без чад за целото општество“, посочува Мијовиќ Спасова.
Консумирањето тутун предизвикува срцева слабост и зголемен ризик од срцев и мозочен удар како и серија други здравствени проблеми посочи заменик министерката за здравство Маја Манолева која зема учество во презентирањето на резултатите од спроведените истражувања. Таа рече дека употребата на тутунот е штетно по здравјето на сите граѓани независно дали тие се активни или пасивни пушачи.
„Во сите 10 Центри за јавно здравје во државата функционираат индивидуални и групни советувалишта за откажување од пушење. На годишно ниво во овие центри совети бараат повеќе од 200 граѓани, сепак радува фактот што населението е свесно за негативните последици и бара начини на одвикнување од неговото користење, кажа Манолева.
Настанот кој го организираше „Аналитика“ е дел од меѓународниот научно-истражувачки проект „Унапредување на даночни политики за тутун во земјите со низок и среден доход” финансиран од Универзитетот Илиноис во Чикаго (UIC) и Bloomberg Philanthropies.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.