Детското одделение во Општата болница во Кочани регистрира зголемен број пациенти со заболувања на горните и долните дишни патишта, кои се сместени на болничко лекување и целосно го исполнуваат неговиот капацитет.

Дневно се прават и по триесетина прегледи кај деца и помлади пациенти кои имаат зголемена телесна температура, респираторни потешкотии и воспалителни процеси, при што потешките случаи се задржуваат на болничко лекување.

Најсериозни здравствени проблеми се забележани кај децата под тригодишна возраст чиј имунолошки систем е послаб, односно недоволно развиен.

Во моментот на хоспитален третман во нашето одделение имаме 20 деца и капацитетот ни е пополнет. Се трудиме оние кои се со полесни симптоми да ги пуштиме на дневна болница за да можеме да ги згрижиме новите пациенти кои ни доаѓаат. Децата се со висока телесна температура што тешко се намалува во првите денови по примањето на терапијата, се работи за грип што оваа година ни дојде порано од очекуваното. Откако ќе се забележат првите симптоми, потребна е добра хидрација кај децата, редовно да се внесуваат електролитни раствори. Во првите два дена потребна е домашна нега, а температурата продолжува неопходно е да се направи консултација и преглед кај матичен лекар, истакна Адријана Лазарова, специјалист по болничка педијатрија во Општата болница во Кочани.

Со почетокот на училишниот распуст се очекува извесно намалување на бројот на пациенти со вирусни респираторни инфекции, аденовируси и грип меѓу учениците, но и понатаму останува можноста за заболување кај децата, пред сè од најмалите возрасни групи во градинките.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.