Комисијата за заразни болести најверојатно ќе заседава следната недела, но, нема ништо алармантно во однос на магарешката кашлица, ковид и грип, изјави за МИА претседателот на Комисијата, Александар Петличковски.
Станува збор за редовен состанок и пресек на ситуацијата и ќе се види дали евентуално треба да се донесат некакви нови мерки, вели Петличковски.
Во однос на големата кашлица попозната во јавноста како магарешка кашлица најмногу заболуваат бебиња до една година и деца и млади од 10 до 20 години, но не е исклучено да заболат и возрасни.
Не е исклучено, според СЗО, дека на четири до пет години, се случуваат пикови на зачестеност на појава на магарешка кашлица и кај повозрасни, информира Петличковски.
Од двата случаја регистрирани во земјава, една била 29-годишна девојка, странски државјанин, веројатно со потекло одовде, која била разболена и дијагностицирана во странство, а по доаѓањето во земјава, го започнала третманот, а превентивно е започнато и со терапија на нејзините блиски. Другиот случај бил невакцинирано дете, што сега е на лекување во Детската клиника „Козле“.
Состојбата не е загрижувачка. Ова не е ништо вонредно или драматично, низ годините наназад, сме имале од нула до четириесетина случаи во последните пет години. Лани сме имале три случаи. Во годините наназад сме немале епидемија, нагласува Петличковски, посочувајќи дека во регионот имало многу повеќе случаи.
Според Петличковски, вакцинацијата е најбезбедната, најсигурната и најефикасната заштита од магарешка кашлица и од сите други болести за кои постојат вакцини.
Во однос на сезонскиот грип, Петличковски рече дека бројот на заболени е релативно зголемен во споредба со минатата година.
Но, ова се очекувани бројки. Не е ништо страшно и не е нешто неочекувано. Типичен старт на сезоната на грипот. При крајот на февруари се очекува пик, максимум од честотата на грип и слични болести на грип, истакнува Петличковски за МИА.
Нагласува дека некоја специјална загриженост не треба да има кај луѓето кога е во прашање Ковид – 19. Единаесет проценти позитивност на тестови имало во последната недела. Тоа, додаде, не е голем процент. Препораките се дека треба да внимаваат постарите, како и оние со хронични болести и да се вакцинираат против грип и Ковид.
Како Комисија, на последните два состанока донесовме предлог-препорака до Министерството за здравство за воведување на препорака за носење заштитни маски во здравствени установи и аптеки. За да има тежина, таа препорака и да биде задолжителна, треба да помине низ Главниот кризен штаб на Владата. Оттука не сме добиле повратно. Значи, Комисијата препорачува, во согласност со препораките во светот, појасни Петличковски во изјавата за МИА.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.