Мајмунските сипаници сè уште не стигнале во Maкедонија, но регистрирани се во Грција и повеќе европски земји. Главниот хрватски епидемиолог Бернард Каиќ за РТЛ објаснува дека станува збор за вирусна болест која е ендемична во земјите од Централна и Западна Африка, првенствено животинска болест која повремено се шири и кај луѓето по контакт со див свет, а може да се пренесе и од човек на човек.

Според симптомите и начинот на пренесување, овој вид сипаници е сличен како големите сипаници, само што е поблаг и потешко се пренесува.

Можно е да се појават неколку случаи, но епидемија како оваа со ковид сега не е возможна, затоа што болеста не се пренесува така лесно, потврди водечкиот хрватски епидемиолог.

Болеста започнува со замор, покачена температура, болки во мускулите, главоболки и омалаксаност, а дури после неколку дена се појавува осип кој веќе може да сугерира дека станува збор за мајмунски сипаници.

Главниот начин на пренесување на оваа болест е по пат на капки или интимен контакт.

Засега, се чини дека болеста е концентрирана во заедниците во кои мажи имаат секс со други мажи, но секако дека секој друг може да се зарази преку близок контакт со заболен, но она што е важно да се знае е дека пациентите се заразни само кога се болни, а подоцна не, објаснува Каиќ.

Кога станува збор за заштита од болеста, Каиќ препорачува во близок контакт да се влегува само со познати лица.

Болеста се лекува симптоматски, нема специфичен лек. Во Европа е регистриран еден лек кој се користи за лекување и на мајмунските и на големите сипаници, но во Хрватска моментално не е достапен. Не постои вакцина против мајмунска сипаница, но постои вакцина против сипаници, која значително штити и од оваа врста, но таа вакцина ние ја немаме, рече епидемиологот.

Тој додава дека отсекогаш имало внес на мајмунските сипаници во Европа, но никогаш немало вакво ширење на болеста, а причината зoшто сега повеќе се шири сè уште не е позната.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.