Д-р Нико Беќаровски од Клиниката за токсикологија детално ја објасни целата ситуација со вакцинацијата против ДиТеПер.

Според него, наједноставен пример е првата доза ако е примена во септември 2023 година, втора доза во ноември 2023 и трета доза во јануари 2024.

Од утре ќе може да го однесете детето во градинка, бидејќи ќе има привремен солиден имунитет, но ќе мора во јули да прими ревакцина.

Сите кои ги примиле првите три дози пред октомври 2023 ќе мора да примат ревакцина, за да обезбедат солиден имунитет и не може без ревакцината да одат во градинките.

Сите кои ги немаат примено трите дози, ќе мора да ги примат трите дози во растојание од 2 месеци, за да може да тргнат во градинка, објаснува докторот.

Деца кои се вакцинирани со трета доза ДиТеПер во последните шест месеци може да одат во градинка, реши Комисијата за заразни болести. Задолжително е во следните шест месеци да се изврши и ревакцината, соопшти вчера претседателот на Комисијата проф. д-р Александар Петличковски.

Заклучно со 7 март во Македонија се регистрирани вкупно 173 случаи на голема кашлица, најмногу од Скопје – 151.

Заболените лица се на возраст 1 месец до 70 години. Најголем број заболени се деца на возраст до 4 години, односно 27 случаи припаѓаат на возрасната група под 1 година, а 22 се деца на возраст од 1 до 4 години, а во возрасната група 10-14 години се пријавени 43 случаи, според извештајот на Институтот за јавно здравје кој се објавува секој петок.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.