Под мотото „Јас не можам да чекам, ние не можеме да чекаме, хепатитот не може да чека“, на Градскиот плоштад во Охрид преку едукација за болести на црниот дроб и бесплатни тестови за хепатит Б, Ц и ХИВ, Хепар центарот од Битола во соработка со организацијата за ретки болеси „Ретко е да си редок” од Охрид го одбележаа Светскиот ден за борба против хепатит.

 

Милан Мишковиќ од Хепар центар – Битола информира дека оваа недела се вршат активни тестирања и оти бројот на заразени со хепатитис Ц, благо се зголемува.

Над 50-60.000 граѓани во Македонија можно е да се заразени со хепатитис Б и Ц. Ова е уште една можност за државата да поработи во иднина повеќе на скрининг програмите. Но и да апелираме терапиите, кои не се достапни во нашата земја, посебно за хроничен хепатитис Б да бидат на позитивната листа. Барем оваа група пациенти да добие навреме терапија да не прогресира болеста до карцином – посочи Мишковиќ.

Според него, првпат во државата се отвора Црнодробен центар, кој ќе биде во ЈЗУ Универзитетската клиника за  Гастроентерохепатологија.

Центарот ќе биде со мултидисциплинарен пристап составен од повеќе медицински експерти од различни области, кои ќе се борат да го анулираат црнодробниот карцином, а пред се хепатитисот Б и Ц, кои се едни од најголемите причинители. За жал, последните податоци ни покажуваат дека за 25 до 30 отсто во Европа се зголемува овој проблем, а не сме исклучок и ние како земја поради начинот на живот и храната што ја консумираме – вели Мишковиќ.

Тој нагласува дека е време да се обрне повеќе внимание на црнодробните заболувања, посебно на хепатитите, изразувајќи надеж дека ќе бидеме пример како мала држава која ги следи стапките на развиените земји и придонесува за намалување на бројот на карциноми.

Најновите статистики од Светската здравствена организација покажуваат дека секојдневно умираат околи 3.000 луѓе од хепатитис Б и Ц, а на секои 30 секунди еден човек го губи животот од хепатитис Б и Ц. Навременото тестирање и лекување може да спаси животи.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.