Едно од осум лица заразени со коронавирус развиваат барем еден долготраен симптом на ковид, покажува најобемната студија до сега.

Со повеќе од половина милијарда случаи на коронавирус регистрирани ширум светот од почетокот на пандемијата, расте загриженоста поради долготрајните симптоми на Ковид-19.

Сепак, речиси ниту едно од постојните истражувања не ги споредило луѓето кои долго време боледуваат од Ковид со луѓе кои никогаш не биле заразени, па можно е некои од здравствените проблеми да не се предизвикани од вирусот.

Како дел од новото истражување објавено во медицинското списание „The Lancet“, повеќе од 76.400 возрасни лица во Холандија пополниле онлајн прашалник за 23 вообичаени симптоми на долгорочен ковид.

Помеѓу март 2020 година и август 2021 година, секој учесник го пополнил прашалникот 24 пати.

Во тој период, повеќе од 4.200 од нив, 5,5 отсто, пријавиле дека имаат Ковид-19.

Од оние со Ковид, повеќе од 21 процент имале барем еден нов или сериозно влошен симптом три до пет месеци откако се заразиле.

Сепак, скоро девет проценти од контролната група која немала Ковид-19 пријавиле слично зголемување.

Ова укажува дека 12,7 отсто од оние кои имале Ковид, приближно едно од осум лица, страдале од долгорочни симптоми, се вели во студијата.

Истражувањето исто така забележа симптоми пред и по заразувањето со корона, што им овозможи на истражувачите дополнително да утврдат што е поврзано со вирусот.

Утврдено е дека вообичаените долгорочни симптоми на Ковид-19 вклучуваат болка во градите, отежнато дишење, болки во мускулите, губење на вкус и мирис и општ замор.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.