Втор случај на морбили е регистриран годинава кај 12-годишно дете од селото Долно Коњаре во Општината Петровец. Се работи за инпортиран случај од Србија, оти детето претходно престојувало во Нови Пазар, каде што веќе има појава на позитивни случаи на морбили. Ова денеска го изјави директорката на Институтот за јавно здравје Марија Андоновска, апелирајќи до матичните лекари веднаш штом забележат сомнителен случај на морбили да го препратат во Инфективната клиника или во ИЈЗ за анализи.

„На 3 септември од Инфективната клиника до Институтот за јавно здравје е пратено 12-годишно дете како суспектно на морбили. После направените анализи, констатирано е дека детето е позитивно на морбили. Анализите се направени истиот ден кога е пристигнато детето, како и епидемиолошката анкета“, рече Андоновска.

Во семејството, како што вели таа, освен ова дете има и пет други деца, од кои три се целосно вакцинирани, а две не, меѓу кои и детето што е позитивно на морбили. Како што рече Андоновска, семејството одбива децата да бидат вакцинирани.

Според епидемиолошката анкета, исказите на членовите на семејството, како што вели Андоновска, се дека детето немало многу контакти во населбата Петровец, село Долно Кочаре.

„Изминатите денови откако се вратило од Србија, детето не идело во училиште, ниту тоа, ниту неговото братче кое исто така е невакцинирано. Негираат повеќе контакти, велат дека контактите биле во кругот на семејството“, вели таа.

Андоновска апелира до матичните лекари кога ќе забележат сомнителен случај веднаш да го пратат на Инфективната клиника, па оттаму да го пратат на анализи во Институтот за јавно здравје или, пак веднаш да дојде во ИЈЗ за анализи.

За конкретниот случај, таа вели дека детето прво се јавило на Инфективната клиника, а потоа е препратено во ИЈЗ.

Нивна обврска, според Андоновска, е по констатирање на позитивен случај на морбили да дадат препораки на семејството за изолација, но како што рече, изолација пропишана со закон за морбили нема.

„Останува на добра волја на семејството дали ќе ги почитува препораките или не. Земени се анализи и од медицинскиот персонал што бил во контакт со детето и истите се следат“, рече директорката на ИЈЗ.

Првиот случај на морбили годинава е регистриран во јуни кај жител на село Лабуништа, Струшко.

Минатата година пријавен е еден случај на заболување од мали сипаници. Во период од 2014 до 2023 година регистрирани се вкупно 2 020 заболени. Епидемии на морбили се регистрирани во 2014, 2017 и 2018 и 2019 година. Последната е регистрирана во 2018 година, а одјавена во 2019 година со 1 901 заболени.

Вакцинацијата против морбили се спроведува задолжително со две дози на МРП-вакцина. Првата доза се дава на првата година од возраста на детето, а ревакцината е на шестгодишна возраст.

Според податоците на Институтот за јавно здравје, опфатот со првата доза на МРП-вакцината во 2023 година е 73,4 отсто, а во Скопје е 83,7 отсто. Опфатот со ревакцинација за 2023 година изнесува 87,7 отсто, а во Скопје 85,9 отсто.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.