Се проценува дека над 50 милиони луѓе ширум светот боледуваат од различни форми на епилепсија, што ја прави една од најчестите невролошки болести во глобални рамки. Вкупната бројка на пациенти со епилепсија во Република Македонија е 13.824, или преваленцата на епилепсија кај нас изнесува 6,67 на 1.000 жители.

26 март или Виолетовиот ден, е Меѓународен ден посветен на напорите за зголемување на свеста за епилепсијата во светот.

Д-р Марија Бабуновска, невролог од Универзитетската Клиника за неврологија во Скопје, во изјава за МИА вели дека епилепсијата ги зафаќа луѓето од сите возрасти и обата пола, но кај нас почеста е кај машките пациенти.

Во државава, како што појаснува, епилепсијата најчесто се јавува во два пика, во детството – адолесценцијата и кај пациентите над 50 години.

Во последно време, пикот во детската – адолесцентна возраст се намалува, а кај оние над 50 години расте постепено, достигнувајќи го врвот кај пациенти од 70 до 79 години. Што може да се објасни со подолг животен век и пораст на бројот на заболувања поврзани со возраста и со стареење кои имаат епилептогени потенцијал – мозочен удар, деменција и така натаму, додава доктор Бабуновска, која е добитник на наградата за најдобар труд од областа на неврологијата на Меѓународните Медис награди за медицина и фармација во Љубљана.

Таа смета дека свеста за оваа болест е мала и дека со факти треба да се разбијат некои митови за пациентите со оваа болест.

Тие митови се дека епилепсијата е ретка болест, дека ако сте имале еден напад значи дека имате епилепсија, дека епилепсијата е психолошка состојба и е форма на ментална болест и луѓето се емоционално нестабилни, дека сите напади се исти, дека лесно е да се каже кога нападот ќе се случи, дека дијагнозата на епилепсијата е едноставна, дека лицата со епилепсија се „епилептичари“ и луѓето со епилепсија не можат да се носат со висок притисок на работните места и со високи и сложени функции, дека мора да се родиш со епилепсија, дека таа претставува доживотно нарушување, дека за време на напад едно лице може да го проголта јазикот, дека епилепсијата не може ефикасно да се регулира, дека епилепсијата е заразна болест…. Сѐ што споменавме се само митови, нагласува Бабуновска.

Според неа, потребна е едукација и на населението за да знае како да се справи, доколку некој случаен минувач се здобие со епилептичен напад.

Пациентот не треба да се остави сам во тек на нападот, препорачливо е оној кој е очевидец да остане до него, да се обезбеди просторот од објекти кои би го повредиле пациентот и најбитно е – да не се паничи. Потребно е да биде поставен во странична положба, да се стави нешто меко под главата и да не се ставаат предмети во устата, да не се извлекува јазикот, бидејќи тоа е мит дека јазикот може да се голтне. Значи доволно е да се остави во странична положба, да бидат слободни дишните патишта. Вообичаено нападите се само лимитирачки, но, доколку нападот трае повеќе од вообичаено, повеќе од пет минути или доколку нападите се повторуваат, да се повика Итна медицинска помош за пациентот да прими соодветна терапија и да биде пренесен во болница. Ние велиме, „time is brain“, појаснува таа.

Апелира лицата со епилепсија да не се стигматизираат. Тие се лица кои доживуваат хронични, повторливи напади, вели Бабуновска, и се претпочита да бидат именувани како „лица со епилепсија“, а не како епилептичари или падавичари. Според Бабуновска, повеќето професии, вклучително и оние во највисоките нивоа на деловно работење, како што се влада, правосуден систем, спорт и медицина можат да примат лице со епилепсија.

Пациентите со епилепсија треба да бидат прифатени од општеството бидејќи 2/3 од пациентите со епилепсија се добро контролирани со лекови против напади и тие може воопшто да немаат напади додека примаат терапија и можат нормално да функционираат во општеството и да се носат со одговорни функции, истакнува Бабуновска.

Појаснува дека епилепсијата е повторувачко, хронично нарушување, што се карактеризира со ненадејна појава на непровоцирани епилептични напади.

Постојат повеќе од 20 форми на напади. Нападите генерално се поделени на фокални и генерализирани, во зависност од тоа во кој дел од мозокот почнува абнормалната мозочна активност. Фокални – инволвирајќи мозочни мрежи ограничени на една хемисфера, генерализирани – започнуваат со дистрибуција во билатерални мрежи синхроно во двете хемисфери од почеток, како и – со непознато почеток, вели Бабуновска.

Бабуновска смета дека потребно е да се подигне свеста за оваа болест и дека денешниот датум – 26 март или Виолетовиот ден, претставува Меѓународен ден посветен на напорите за зголемување на свеста за епилепсијата во светот.

На овој ден, се повикуваат сите луѓе во светот да облечат виолетова облека, со цел да се пружи поддршка на лицата со оваа дијагноза. Поддршката што можеме да ја пружиме е преку едукација, вели Бабуновска.

Македонското невролошко здружение, Македонската лига против епилепсија и Универзитетската клиника по неврологија, ќе го одбележат овој ден, вечерва од 18 до 19 часот на плоштадот пред „Култура“ и од 19 до 20 часот, пред „Порта Македонија“, која ќе биде осветлена во виолетово, за што, Бабуновска се заблагодари на Одделението за урбана опрема при Град Скопје.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.