Центарот за климатски промени (ЦКП) во рамки на проектот „Справување со загадување на воздухот“, што го имплементира Програмата за развој на Обединети нации (УНДП), со финансиска поддршка на Шведска, во периодот од ноември 2023 година – мај 2024 година, успешно спроведе 11 тренинзи на кои учествуваа 278 општински службеници.

„Во рамки на Програмата за чист воздух беа опфатени повеќе теми, меѓу кои и дефинирањето на соодветни индикатори за мониторинг на квалитетот на воздухот, едукација за специјални случаи на аерозагадување, урбанистичко планирање и заштита на животната средина, развивање на стандардни оперативни процедури за инспекција и поднесување на годишни планови за инспекција, а при тоа беа прикажани и добри пракси за подобрување на квалитетот на воздухот од Македонија, при што постојано имавме родово балансирано учество и теми кои директно ги адресираат потребите на социјално ранливите категории. Исто така во тренинзите редовно ги вклучувавме и аспектите поврзани со борба против корупција и човекови права “наведе претседателката на ЦКП, Бојана Станојевска, на денешниот, последен тренинг, што се одржа во Скопје.

Таа додаде дека со тренинзите биле опфатени и креирањето на соодветни планови за квалитет на амбиентен воздух, како и за програми за субвенции кои ќе одговорат на потребите на различни групи граѓани. Имено, како што посочи таа, биле спроведени и тренинзи за инспекциски надзор во животната средина, за обезбедување на податоци за подготовка на успешни планови за квалитетот на амбиентниот воздух, како и за развивање на координативна платформа за чист воздух.

„Морам да го истакнам значењето на овие тренинзи кое е во насока на подготовка на општинските службеници за подобро спроведување на законодавството за квалитет на амбиентен воздух. Беа опфатени сите сегменти од ова поле и речиси сум сигурна дека за скоро време ќе имаме видливи резултати преку примена во нивното работење. Сите наши заложби се во насока на создавање на здрава и чиста животна околина и токму затоа сметам дека е од суштинско значење да се спроведуваат ваков вид на тренинзи со кои се надградува знаењето на лицата кои се вработени во локалната самоуправа“, потенцираше Станојевска.

Претседателката на ЦКП посочи дека тренинзите се одржале во градовите Струмица, Струга, Гостивар, Куманово, Кавадарци и Скопје и дека на нив, општинските службеници, како и овластените инспектори за животна средина добиле можност да добијат приказ на состојбите, како и да разменат мислења, со предавачи од Шведска, Словенија, Косово, Државниот инспекторат за животна средина, универзитети од земјава, како и од Министерството за животна средина и просторно планирање.

Александра Димова Манчевска, проектна менаџерка во УНДП, презентираше дел од резултатите што се постигнати во рамки на овој проект, но и на претходната фаза на проектот, задржувајќи се на поддршката за подобрување на енергетско ефикасните перформанси на домовите во населба Лисиче, каде се постигнати видливи промени во однос на намалувањето на аерозагадувањето. Овие мерки вклучувале поставување на енергетски ефикасни фасади и покриви, нови прозорци и врати, а исто така се вложило и во замена на системите за затоплување на домовите, од шпорети на дрва во еколошки уреди.

Последниот тренинг од Програмата за чист воздух, беше посветен на јакнење на капацитетите, при што консултантите Весна Кардалевска и Александар Караев, изнесоа добри примери за јакнење на капацитетите во Македонија и се осврнаа на важноста од менторството за подобрување на капацитетите, како и на потребните обуки во таа насока.

Тие заклучија дека ефектите од ваквиот тип на програми се забележуваат на долг рок, со имплементација на знаењето во секојдневното дејствување.

Консултантите им порачаа на присутните да останат мотивирани и да вложат напори во локалните самоуправи да се пресликаат добрите практики, а со тоа да се постигнат видливи резултати.

Претседателката на ЦКП им се заблагодари на учесниците за големата посветеност и интеракцијата на тренинзите и посака одржување на уште многу продуктивни средби со кои ќе се постигнат успеси на национално ниво.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.