Месечевата прашина може да се искористи во производството на сателити, бази и сончева енергија, покажува истражување спроведено на Универзитетот на Ватерло во Белгија.
Се работи за реголит – метален прав што содржи кислород во себе, којшто научниците сакаат да го искористат за да го поттикнат развојот на технологијата на иднината.
Тоа би ги опфатило и идните замислени привремени населби на природниот сателит на Земјата, каде што луѓето ќе престојуваат, работат и истражуваат во базни кампови, со ровери и најсовремена технологија. Месечевиот реголит е тамошен достапен ресурс што може да има полза.
Нашето истражување ја претвора научната фантастика во реалност. Нашата цел е да помогнеме во изградбата на инфраструктура и технологија што ќе овозможат одржливо човечко населување на Месечината, но и пошироко, вели кандидатот за докторат Конор Мекроби.
Истражувачите тестирале различни комбинации на композиции на гориво и оксидатор за да ја оптимизираат тн. термитна реакција.
Бидејќи реголитот веќе содржи кислород, може да го користиме за производство на топлинска енергија, без потреба од атмосферски кислород. Ова се нарекува термитна реакција, којашто е корисна во Вселената бидејќи таму нема лесно достапен кислород, појаснува Мекроби.
Преносот на градежни материјали од Земјата за градбите на Месечината би бил скап и неделотворен, а месечевиот реголит е доста полезна замена, се согласуваат од белгиската Лабораторијата за истражување нова енергија (ЛЕЕР).
Резултатите ја покажуваат одржливоста на горниот слој на Месечината да го поттикне развојот на самото вселенско тело, дозволувајќи им на луѓето да ја истражуваат и населуваат површината. Сега непрекинато работиме на подобро извлекување метали и друг корисен материјал од реголитот, како и дизајнирање автоматизирани процеси во соработка со канадски и истражувачи од цел свет, за да се олесни користењето на месечевите ресурси и да се поддржи кругот на вселенската економија, објаснува Џон Вен, директор на ЛЕЕР.
Истражувачите во истовреме работат и на решавање на растечкиот проблем со вселенскиот отпад. Тимот на ЛЕЕР ги гледа нефункционалните сателити како вредни ресурси. Тие содржат алуминиум, што во комбинација со месечевиот реголит може да се користи за термичка реакција и генерирање топлина. Сепак, потребни се повеќе истражувања за да се реализира оваа замисла.
Употребата на вселенски отпад преку термичка реакција може да го поддржи одржувањето и подобрувањето и на сончевите сателитски системи во вселената. Тестирањето на овој метод може да го отвори патот до сигурен извор на енергија за идните вселенски истражувања.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.