Долгогодишниот професионалец во ИТ индустријата, Суад Сефери, ја објавува првата книга за вештачка интелигенција на Балканот, „The AI Journey“, со цел да едуцира како луѓето ефикасно да ја користат вештачката интелигенција (ВИ). Во време на неверојатен технолошки напредок, ВИ брзо се наметнува како клучна алатка во различни области – од работните места до креативните индустрии.

Во мојата книга го истражувам односот помеѓу човечката креативност и капацитетите на ВИ. Поставувам прашања како: Дали интелигенцијата која сме ја создале може да нè замени како автори, мислители или уметници? И што значи тоа за иднината на човечката креативност?“, вели Сефери.

Како дел од промоцијата на книгата, Сефери најавува серија бесплатни работилници за употребата на вештачката интелигенција во различни професии. Работилниците ќе бидат профилирани за новинари, маркетери, професори и други професионалци. Учесниците ќе научат како да генерираат податоци за истражувачки стории, да создадат успешни кампањи и да развијат клучни слогани.

Целта на овие работилници е да им помогнеме на луѓето да се запознаат со практичните аспекти на ВИ и да ги подобрат своите перформанси во професионалниот живот. Време е да ја отвориме стручната фела во Македонија за она што е модерно и што би било од особено значење, додава Сефери.

Сите учесници се охрабруваат да донесат свои лаптопи за време на работилниците, бидејќи практичната работа ќе биде клучен дел од обуката. За деталите кога и каде ќе се одржуваат овие работилници, авторот ќе ја информира јавноста.

Без разлика дали сакаме или не, ВИ станува невидлив партнер во нашиот живот и професија. Време е подобро да се запознаеме со неа“, заклучува Сефери.

Книгата „The AI Journey“ може да се најде во сите поголеми книжарници низ градот или може да се нарача онлајн.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.