УХМР попладнево соопшти дека во невремето во Берово наврнале 57 л/м2 дожд, додека во Охрид, каде исто така имаше силно невреме, наврнале 36 л/м2. Како што наведуваат од УХМР, дадените вредности за количината врнежи се измерени на нивните дождомерните места. Поради локалноста на процесите, паднатата количина воден талог многу варира и на различни места може да е многу поголема од измерената, нагласуваат од таму.
Од пладневните часови имаше локален развој на нестабилна облачност проследена со пороен дожд и грмежи. Наместа процесите беа поинтензивни во форма на невреме со интензивен пороен дожд, електрични празнења, силен ветер и појава на град (Охридско-Струшкиот Регион, Пехчево, Виница, Берово, Тиквешијата, Радовишкиот Регион, Струмичко и Штипско).
До 17 часот дожд врнело и во Пожаране – 24 л/м2, во Струмица седум л/м2,а со помал интензитет и во Крива Паланка, Претор, Демир Капија, Прилеп, Тополчани, Маврови Анови и Штип.
Највисока температура од 33 степени се измерени во Штип, Демир Капија, Кавадарци, Гевгелија, 32 степени во Струмица и велес, 30 во Скопје, 29 во Прилеп, 28 во Берово и Крива Паланка, во Претор 27, во Охрид и Тетово 26, во Крушево и Лазарополе 23, 22 во Маврови Анови и 20 во Попова Шапка.
Времето до крајот на денот ќе биде променливо облачно, наместа нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Локално процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме проследени со обилен пороен дожд за кратко време, електрични празнења, силен ветер и изолирана појава на град.
Сообраќајот Берово – Делчево се одвива по една коловозна лента
Сообраќајот на патот Берово – Делчево кој беше во прекин кај село Смојмирово, од 17 и 10 часот се одвива наизменично по една коловозна лента, информираат од АМСМ. По попладневото невреме што г зафати регионот на Берово, надојдената вода се повлекува од Смојмирска река. Патот Берово-Виница, пак, е прооден периодично и се уште се расчистува.
Водата се повлекува, нивото на Колачински Поток и Смојмирска река опаѓа. Поплавени се земјоделски површини, АМСМ во Берово и повеќе куќи, а по улиците има наноси од песок.
Екипите на ТППЕ Берово се на терен и работат на расчистување на улиците и испумпување на вода во АМСМ и од куќите. На помош се испратени и две екипи на ТППЕ од соседните градови, се вели во информацијата од ЦУК.
Времето утре ќе биде променливо облачно. Од пладне на повеќе места ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Локално процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме проследени со обилен пороен дожд за кратко време, електрични празнења, силен ветер и изолирана појава на град. Минималната температура ќе биде во интервал од 12 до 19, а максималната ќе достигне од 24 до 31 степен.
Во Скопје претпладне променливо облачно, од пладне нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Во делови од котлината ќе има услови за појава на невреме со интензивен пороен дожд, грмежи, силен ветер и појава на град. Минималната температура ќе се спушти до 17, а максималната ќе достигне до 28 степени.
Во текот на следната седмица ќе преовладува претежно стабилно време, на места со услови за краткотраен дожд и ретки грмежи.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.