Под влијание на ладен атмосферски фронт од север, кој ќе се судри со топлиот воздух од југ кој се наоѓа над Македонија, во следните часови, како и вечерва, во најголем дел од државава времето ќе биде многу нестабилно и со честа појава на пороен дожд, грмежи и засилен ветaр, објави Метеоаларм.

На повеќе места повторно ќе има појава на силно невреме проследено со обилен пороен дожд за кратко време и истиот би можел да предизвика локални поројни поплавувања, силен ветар (над 70 км/час) силни и чести електрични празнења и со појава на град кој би можел да биде и крупен.

И во Скопскиот регион во следните часови и вечерва ќе има појава на пороен дожд, грмежи и засилен ветар. Во делови од котлината ќе има и појава на ново посилно невреме, проследено со обилен пороен дожд, силен ветар, силни и чести електрични празнења и со појава на град кој би можел да биде и крупен.

Во случај на појава на силно невреме, граѓаните треба да бидат крајно внимателни, односно во случај на појава на силни и на чести електрични празнења, да не се претстојува на отворен простор и под осамени дрвја. Исто така, во случај на појава на силен ветар и на крупен град, автомобилите да се заштитат.

Што се однесува до температурите, тие денеска ќе се искачуваат во интервалот од 28 до 36 степени Целзиусови, а во Скопје до околу 35 степени Целзиусови.

Температурите во попладневните и во вечерните часови ќе започнат да опаѓаат.

Инаку, доцна синоќа силно невреме го зафати Белград. Главниот град имаше колапс, а многу делови од градот беа поплавени.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.