Поради очекуваната можност на повеќе места да има краткотрајни и интензивни врнежи од дожд, можни се појави на локални излевања на помалите реки и суводолици. Исто така, доколку интензивните врнежи бидат во градските урбани срредини, можна е појава на течење и акумулирање на вода низ градските улици поради неможност за одведување на водата преку атмосферската канализација во толку краток временски интервал. Големите реки засега се безбедни во поглед на нивно излевање, иако е можно зголемување на нивниот водостој. Предупредуваме на внимателно движење покрај помалите реки и суводолици во текот на денешниот ден.

Денес попладне под влијание на влажен бран, почнувајќи од запад ќе има врнежи од дожд проследени со грмежи кои ќе се прошират насекаде и ќе се интензивираат. Локално процесите ќе бидат во форма на невреме со силни електрични празнења, интензивен пороен дожд (над 35 л/м2), град и силен ветер (над 60 км/час). И во текот на ноќта како и во текот на утрешниот ден на места врнежите ќе бидат пообилни (10 до 20 л/м2), локално проследени со грмежи и со услови за појава на град.

Во Скопје од попладневните часови, во текот на ноќта и утре ќе има врнежи од дожд кои во делови од котлината повремено ќе бидат обилни и поројни проследени со грмежи и засилен ветер во форма на невреме.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.