Виничките пожарникари вчера интервенирале во филтер станица на територијата на градот каде од испукана боца истекол хлор – гас кој е отровен и може да предизвика сериозни последици.

За ретката, но опасна ситуација, во која за среќа нема повредени лица, утрово информираше Центарот за управување со кризи (ЦУК), од каде велат дека по интервенцијата на пожарникарите опасноста била отстранета.

Регионалниот центар за управување со кризи Штип, информира дека пожарникарите на Територијалната противпожарна едница Виница вчера од 8 до 11 часот имале техничка интервенција на испукана боца со хлор од 50 килограми во филтер станица, се вели во информацијата од ЦУК.

Било интревенирано со две возила, четири пожарникари и четири други лица. Во настанот нема повредени, но на вработените во филтер станицата, се додава во соопштението, им бил даден кислород поради опасност од вдишување на отровниот гас.

Инаку, утрово од ЦУК информираа дека вчера имало вкупно седум пожари на отворен простор, од кои два биле на територијата на Скопје, исто толку во Битола и по еден на териториите на Охрид, Штип и Куманово.

Според ЦУК во последното деноноќие имало вкупно 1 920 повици на единствениот повикувачки број за итни случаи – 112. Од нив „реални“ биле 47,40 отсто, додека 52,м60 отсто од повиците биле за други потреби на граѓаните што не биле итни.

Кон полицијата биле упатени 71,20 отсто, кон Итната медицинска помош 23,20 отсто, додека кон пожарниакрите биле 3,60 отсто од реалните повици на 112.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.