Трудов инспектор бил на терен за да направи увид по несреќите на двајца работници на работните места во Пробиштип, од кои едната се случи во рудник, а втората е во фабрика за акумулатори.
Од Државниот инспекторат за труд денеска за МИА велат дека го чекаат извештајот од инспекторот, по што ќе знаат како понатаму ќе постапат.
Според информациите од МВР несреќите се случиле во рудникот за олово и цинк во село Добрево и во фабриката за акумулатори во Пробиштип.
-Во понеделникот во 22:08 часот во Полициската станица Пробиштип, од Итна медицинска помош Пробиштип било пријавено дека кај нив со тешки телесни повреди бил донесен 38 годишниот Т.Ј. од Пробиштип. Според пријавеното, тој се здобил со повредите додека извршувал работни задачи во рудник во село Добрево, пробиштипско. Увид бил извршен.
Надлежните од Клиничка болница-Штип велат дека 38 годишниот Т.Ј е примен со тешки телесни повреди и е веднаш транспортиран во Клинички центар „Мајка Тереза“ во Скопје.
Втората несреќа се случила вчера во 00:48 часот. Во Полициската станица Пробиштип, од Итната медицинска помош Пробиштип било пријавено дека кај нив со тешки телесни повреди бил донесен 20 годишниот А.Р. од Пробиштип. Според пријавеното, тој се здобил со повредите при извршување работни задачи во фабрика за акумулатори во Пробиштип. Увид бил извршен и се работи на расчистување на случајот. Дваесет годишниот работник на вилушкар е примен во штипската Клиничка болница, каде што по прегледот, лекарите го пуштиле на домашно лекување, бидејќи бил со полесни повреди.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.