Пехчево денеска е завиено во чад, по пожарот кој вчера околу пладне повторно избувна над градот. Во пожарот изгоре единственото противпожарно возило сопственост на Доброволното противпожарно друштво „Пехчево”, а припадници на друштвото се здобија со помали изгореници, откако беа извлечени и спасени од вработените на подружницата на ЈП Национални шуми од Пехчево.

Од утрово пожарот се гаси од земја и воздух со хеликоптерска поддршка на АРМ, додека на терен покрај ДПД „Пехчево” се наоѓа поголем екипаж луѓе од Пехчево и околните места.

Хеликоптерите коишто учествуваат во гаснењето црпат вода од импровизираниот базен на Градскиот стадион.

Градоначалникот на Пехчево, Александар Китански апелира и понатаму кој е во можност да се приклучи на екипите со збирно место на градскиот плоштад. Во меѓувреме, на отворениот штанд се доставуваат продукти и вода за учесниците во гаснењето на пожарот.

Моментално ТППЕ Берово заедно со Шумската полиција, претставници од ЈП Национални шуми од Берово и Пехчево, како и припадници на ТППЕ Кавадарци, заеднички го гаснат пожарот над Пехчево на месноста Вртена скала.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.