За претстојниот празничен викенд за Велигден се најавува променливо време со дожд, грмежи и ветер. Невообичаеното поладно време за овој период од годината на почетокот на овој месец беше проследено и со врнежи од снег во некои соседни држави.

Со цел да добиеме одговори зошто годинава имаме невообичаено променлива и постудена пролет, МИА разговараше со професорот Владо Спиридонов, доктор по метеоролошки науки, кој работи како редовен професор на Институтот за физика при Природно-математичкиот факултет.

Спиридонов вели дека одговорот не е така едноставен бидејќи повеќе фактори влијаат на формирањето на сезонската слика за времето.

Општата атмосферска и океанска циркулација, температурата на површината на океаните и морињата, отстапувањето на температурите и притисокот и други чинители се основните двигатели на сезонските промени на времето во рамки на климатските варијации, појаснува професорот Спиридонов.

Променливата, влажна и ветровита прва половина од пролетта 2023 се должи на наглото „стратосферно загревање“ кое настана како резултат на дисрупција на поларниот вртлог, и услови појава на блокирање на пролетта во северниот дел на Атлантскиот Океан и Скандинавија и нестабилен поларен вртлог. Овој климатски мод придонесе за формирање на нестабилна млазна струја, со почести продори на ладен воздух од северните делови на европскиот континент и формирање на атмосферски системи со променливи, влажни, ветровити и поладни временски услови  – вели Спиридонов.

Посочува дека според сегашните временски показатели, по Велигден, односно од 17 април се очекува релативно стабилен период со температури во рамки на просечните, но пред 1 мај се очекува променлив нестабилен период. Потопло време кое ќе наликува на пролет се очекува веќе од мај.

Долгорочната сезонска прогноза на Европскиот центар за среднорочна прогноза на времето (ECMWF), иако ориентациона, покажува потопол тримесечен период (мај- јуни-јули) од просечниот за периодот 1993-2016 година во интервалот од 0.5 до 1.00 степен, додека врнежите би биле во рамки на просечните, истакнува професорот Спиридонов, кој има направено и детална анализа за тоа зошто оваа пролет е променлива и постудена од останатите.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.