Поради пожарот на планината Серта вечерва е затворен за сообраќај регионалниот пат Штип-Неготино.

Од Авто мото сојузот на Македонија информираат дека овој патен правец од 21:10 часот е затворен во двата правца кај клучката 21.

Kомандирот на Територијалната противпожарна единица од Штип, Благој Ренџов, изјави дека за само еден ден опожарени се над 100 хектари ниско стеблеста, дабова шума и мал дел на борова шума на планината Серта меѓу штипските села Селце и Драгоево.

Тој посочува дека пожарот оди во правец на воениот полигон Криволак.

– Утринава околу пет часот рано наутро излегоа на терен две екипи на пожарникари, имавме помош од месното население од селата Драгоево и Селце и од Ловното друштво. Имавме помош и од воздух – еден хеликоптер на МВР, но поради високите температури, хеликоптерот беше повлечен околу 13 часот. Теренот е непристапен, само може да се гаси од воздух, изјави Ренџов за МИА.

Од Министерството за внатрешни работи информираа дека денеска полицискиот хеликоптер од типот Бел-412 од Одделот за воздухопловни единици кој дејствуваше врз пожарот што избувна на планината Серта меѓу штипските села Драгоево и Селце во 10 налета исфрлил над 15 тони вода.

Командирот на ТППЕ-Штип, Ренџов за МИА вели дека утре во пет часот повторно ќе излезат на терен.

– Поголем дел е локализиран, но пожарот се шири кон Криволак. Двете села Селце и Драгоево се безбедни и нема опасност за нив. Стапивме во контакт со АРМ, утре најверојатно и војската ќе биде ангажирана и се надеваме дека ќе имаме поддршка од воздух, со што ќе успееме да го локализираме пожарот, вели Ренџов.

Секое лето има пожари на овој потег, а пожарникарите и сите институции се ангажираат на терен на овој непристапен планински терен.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.