Заради отпочнување со градежни активности во врска со проект Рехабилитација на државен пат крак А1, делница Фариш-Прилеп, од понеделник ќе биде воведена времена измена на режим на сообраќај на патот Градско – Прилеп, поточно после мостот на река Раец кон Плетвар, информира АМСМ, по известување од изведувачот ”Стентон градба ДОО”.

Поради изведување на градежните работи ќе има пренасочување на сообраќајот по две коловозни ленти, возачите треба да ја следат поставената патна сигнализација и да возат со намалена брзина при поминување на работната делница. Изменетиот сообраќаен режим ќе трае во наредните 12 месеци.

Сообраќајот на државните патишта се одвивa непречено по претежно суви коловози. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини, од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.

АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.