По најновиот снежен бран кој ја зафати Македонија, и направи многу проблеми, од денес до четврток силен Азорски антициклон ќе ја зафати нашата територија, прогнозира Славчо Попоски.

Метеорологот вели дека времето ќе биде стабилно, суво и со повеќе сонце, особено на повисоките места и на планините, додека по одделни котлини и речни долини ќе има појава на магла и на ниска облачност, и истата локално се очекува да биде густа, но напоменува и дека маглата и ниската облачност понекаде во котлините ќе се задржи и преку ден, со што и температурите на воздухот ќе останат ниски.

Во Скопје и околината, исто така, ќе имаме стабилно и суво време, но во котлината ќе се создаваат услови за појава на магла и на ниска облачност, кои би можеле да се задржат и преку целиот ден, со што и температурата ќе остане пониска. Токму поради ова и поради можната намалена видливост, на возачите им препорачуваме да бидат крајно претпазливи, вели Попоски.

Што се однесува до температурите, Попоски вели дека тие наутро речиси насекаде остануваат под нулата, а маскималните дневни температури ќе бележат тенденција на пораст и ќе се искачуваат во интервалот од 2 до 11 степени.

Нов бран на врнежи од дожд и снег се очекува од петок.

Извор: Метеоаларм



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.