Поради ведрото време, утре во Македонија утрото ќе биде студено и ниски температури на воздухот кој ќе се спуштаат во интервалот од -2 до 8 степени. Локално ќе има појава на слана и на мраз, предвидува Славчо Попоски.

Утре и во сабота времето ќе се задржи претежно сончево и стабилно, додека од недела па натаму, вклучувајќи го и први мај во попладневните часови ќе има повеќе облачност и локално ќе биде нестабилно со краткотраен пороен дожд, грмежи и засилување на ветерот во зоната на нестабилност.

Максималните дневни температури пак ќе бележат тенденција на пораст, и тоа поради продор на потопла воздушна маса од југ, што значи дека особено за викендот максималните дневни температури ќе се искачуваат во интервалот од 18 до 25 степени, и тоа особено во недела.

Во Скопје и околината се очекува слично време со максимални температури кој ќе се искачуваат во интервалот помеѓу 16 и 21 степен.

Барем според сегашните достапни анализи, во текот на следната седмица повторно очекуваме посвежо време од вообичаеното и почести, како и поинтензивни врнежи од дожд. Повремено на највисоките планински врвови ќе има услови за провејување на снег, што значи дека и за први мај атмосферата нема да ни биде целосно стабилна.

Засега нема никаква најава за продор на Африканска топлина во нашите краишта, дури можно е и првата половина од мај да ја поминеме во знакот на постудено време од вообичаеното и со почести и поинтензивни врнежи, вели Попоски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.