Повеќе од 200 лица од многу градови од нашата држава пријавени се за фаќање на светиот крст што утре ќе биде положен во водите на река Радика, општина Маврово и Ростуше, со благослов на епископ Антаниски г. Партениј, игумен на Бигорскиот манастир.

Според архимандрит Доситеј, на чиј телефонски број 070/342-970 се јавуваат заинтересиран, се очекува до крајот на денот тој број да биде и поголем.

Во Бигорскиот манастир денеска од 4 до 4:30 часот одржан е богојавленски голем водосвет во манастирската фијала. Утре, на денот на празникот, во 8 часот, по традиција ќе биде одржана Божествена Златоустова литургија во храмот „Пресвета Богородица“ во село Ростуше, со која ќе чиноначалствува владиката Партениј, од каде во 9:30 часот ќе тргне торжествената Литија до „Ростушки мост“, каде ќе биде полагање на Крстот во реката Радика.

На традиционалното скокање по крстот, од година во години, бројот на оние кои се одлучуваат на овој чин е се поголем, а заедно со верниците секогаш се и претставници на локалната власт на општина Маврово и Ростуше, предвоени од градоначалникот, кој го дарува оној кој прв ќе стигне до крстот.

Утревечер, во Бигорски, во 19 часот ќе почне вечерна богослужба во чест на Свети Јован, додека в сабота кога се слави соборот на Свети Јован Крстител, во 6:30 Утрена и Божествена Литургија.

Празникот Водици ќе биде одбележан и во Дебар, каде поради се помалиот број православни има години, кога светиот крст само симболично се положува во водите на базенот во дворот на црквата „Света Петка“, каде се наоѓа и седиштето на Дебрската парохија.

-До денеска имаме само една пријава, но имајќи ги предвид претходните искуства очекуваме утре да имаме и други пријавени, рече за МИА Миле Ангеловски, намесник на парохијата.

Според него, утре во 7:30 часот ќе почне Света Златоустова литургија, а светиот крст ќе биде положен во 8:40 часот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.