Ако одењето на одмор годинава е малку поскапо поради зголемената цена на горивото, лежењето на лежалки на плажите во Грција, Црна Гора, Албанија и не е толку скапо.

Во просек, комплет од две лежалки со чадор се движи од 5 до 50 евра, во зависност од одморалиштето и плажата, иако има варијанти за стотина и повеќе евра, но тоа е повеќе исклучок отколку правило.

Заедно со превозот и сместувањето, цената на лежалките и чадорите станува се поважна ставка во буџетот на туристите на одмор. Тоа е последица на тоа што со чергата и чадорот за сонце не можете да дојдете на речиси секоја плажа, особено каде што има кафулиња.

Значи, ако не сакате да се сончате, принудени сте да изнајмите лежалка и чадор, прашање е само по која цена. Цените варираат од земја до земја, од дестинација до дестинација или од плажа до плажа. Значи, да почнеме со најпопуларните одморалишта.

Грција

Нашиот јужен сосед е секако најпопуларната дестинација за македонските туристи токму поради тоа што има разновидна понуда за сечиј џеб. Слична е ситуацијата и со лежалките и чадорите. Така, на пример, на една од плажите во омиленото македонско летувалиште Пефкохори, лежалките и чадорот се бесплатни доколку нарачате пијачка. Во превод, лежалка со чадор може да ве чини само пет евра, а притоа да не сте жедни и да не изгорите на сонце.

Цените на лежалките и чадорите се претежно поволни во Касандра и во централниот дел на Халкидики, бидејќи се движат од три до 10 евра, со тоа што на некои ексклузивни плажи тие може да чинат и до 50 евра.

Лежалки и чадори за сонце може да се најдат во Ситонија по цена од само 2,5 евра, како и во регионот на Солун, додека во олимпискиот регион просечната цена е меѓу три и седум евра.

Кога станува збор за грчките острови, цената на лежалките и чадори за сонце се движи во просек од пет до десет евра.

Црна Гора

Како и секоја година, на почетокот на сезоната голем број туристи се шокирани од цените на лежалките и чадорите на некои плажи. Со акцент на одредени плажи, бидејќи тоа се претежно ексклузивни локации за сончање и капење, каде комплет лежалки чини дури 25 евра, а балдахини до 80 евра. Сепак, на повеќето плажи просечната цена е 10 евра. Сепак, цената варира од период до период.

На пример, во јули минатата година, две лежалки со чадор чинеа од 15 до 25 евра, во зависност од тоа дали сте поблиску или подалеку од водата. Од друга страна, во Херцег Нови цените се попристојни – во просек од осум до 10 евра

Албанија

Албанија од година во година привлекува се повеќе македонски туристи со својата услуга, но и со поповолни цени за летување. Тука спаѓаат и пристапните цени на лежалките и чадорите на најпознатите дестинации како Драч, Валона, Саранда, Ксамил, Химари… Просечната цена на две лежалки и чадор на плажите во овие одморалишта се движи од четири до осум евра.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.