Претседателот Стево Пендаровски во Градскиот парк во Скопје се сретна со маратонецот Дарио Ивановски кој пред неколку дена постави нов македонски рекорд на маратонот во Севиља, Шпанија, како и со неговиот тренер и менаџер, Игор Јакимовски и атлетичарот Жан Тосев.

Претседателот Пендаровски му честиташе на Ивановски за извонредниот резултат и постигнатиот успех, со кој ја исполни нормата и ќе трча во дисциплината полумаратон на Европското првенство во атлетика во Рим кое ќе се одржи од 7 до 12 јуни годинава.

Ивановски го запозна претседателот Пендаровски со текот на неговите подготовки во пресрет на настапот на претстојното Европско првенство, како и за можноста во Рим да обезбеди норма за настап и на годинашните летни Олимписки игри во Париз.

Посочувајќи дека успесите на македонските спортисти претставуваат голема гордост за целата нација, претседателот Пендаровски на Дарио Ивановски му посака успех во натамошната кариера и порача дека со упорност, желба и силна волја, може да се совладаат и најголемите предизвици.

 

Дарио Ивановски ја истрча маратонската трка во Севиља за 2 часа 8 минути и 25 секунди што претставува нов државен рекорд, подобрувајќи го и својот досегашен рекорд за 3 и пол минути. Со овој резултат, Ивановски се доближи на само 15 секунди до олимписката норма од 2 часа 8 минути и 10 секунди и се искачи високо на светската ранг листа преку која може да обезбеди учество на Олимпијадата во Париз.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.