На 1.100 метри надморска височина, во пазувите на Стогово, скриено меѓу бујните дрвја и зелените ливади, Гари му пркоси на времето и гордо останува на своето славно име – едно од најубавите села во Западна Македонија. Живо е Гари, посебно во август, кога еден по еден му се враќаат мештаните, оние што одбиваат да го продадат своето минато, своето име.
А, дека љубовта се пренесува преку крвта, преку генерации и генерации на гарци, се потврди и годинава, кога селото се наполни со млади. Оние што не заборавиле од каде доаѓаат, туку гордо ги прераскажуваат мијачките легенди и исправено ги носат македонските носии.
За празникот за време на кој најмногу живнува селото, Успение на Пресвета Богородица, меѓу народот познат како Голема Богородица, со денови се одржуваше традиционалната прослава. Зурлите ечеа и дење и ноќе, орото се виеше по секоја уличка.
Прославата на Богородица трае со векови. Адет е за овој празник да се прави свадба, но и ако некоја година помине без венчавка, не поминува без прослава. Гарци се собираат во малата, но прекрасна црква „Св. Богородица“, каде лежат чудотворните коски на еден светец.
Во горниот кат од црквата, ако погледнете нагоре, меѓу иконите се гледа око. Окото е нацртано во триаголник, и како и да се движите, тоа постојано ве следи. Првата асоцијација, како што се претпоставува во документираните записи за Гари, е дека тоа е масонско око. Ама локалните жители не знаат да објаснат што значи овој знак. Над олтарот има и сонце со 16 краци. Селаните велат дека тоа им е симбол на мијачкиот крај и дека на времето Мијаците, покрај својот мијачки јазик, си имале и мијачко знаме со сонце со 16 краци.
За Гари има многу да се кажува, ама најубаво е да се доживее. Па, следната година, кога ќе сакате да избегате од горештините, сетете се дека овде ќе ве пречекаат насмеани лица, од најмладо до најстаро ќе ви кажат каде е најубавата ледина, каде да си купите од најбкусните гарски сирења и овчо млеко, каде да мезнете пастрмка. Ќе сфатите зошто кој еднаш отишол, пак сака да се врати. Живо е Гари, жива е Македонија!
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.