Министерството за внатрешни работи, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата и Факултетот за безбедност денеска на автопатот „Пријателство“ продолжија со превентивната акција „Вози одморен“.

Заморот е една од главните причини за предизвикување на сообраќајни несреќи во летниот период, а овие превентивни активности се главно насочени на делницата од граничниот премин „Табановце“ до граничниот премин „Богородица“, каде во летниот период особено се зголемува бројот на возила што поминуваат преку овој коридор, велат од МВР и потенцираат дека РСБСП, МВР и Факултетот за безбедност – Скопје продолжуваат со активности од летната кампања „Вози одморен“.

– Потсетуваме дека обврска на возачите е да бидат максимално подготвени, одморени и концентрирани кога управуваат возило, да се прилагодат на условите на патот и да ја провераат техничката исправност на возилото. Затоа упатуваме апел да се почитуваат правилата и прописите во сообраќајот, возачите да ја почитуваат препорачаната брзина, да не возат под дејство на алкохол, да не го потценуваат заморот, да го планираат времето за патување, да прават почести паузи за одмор надвор од моторното возило, да патуваат одморени и наспани. Возете одморени, возете безбедно!, рече претседателката на РСБСП, Гордана Кожуваровска.

Портпаролот на МВР, Тони Ангеловски потенцира дека возачите не смеат да го потценуваат заморот, затоа што тоа може да има фатални последици.

– Токму поради тоа и се реализираат ваквите превентивни активности, за да се потсетат возачите на можните последици од непочитувањето на правилата. Подобрувањето на безбедноста во сообраќајот е императив за нас. Министерството за внатрешни работи таа посветеност ја демонстрира во изминатите неколку години, кога како резултат на превентивните кампањи и засилените акциски контроли постојано имаме намалување на бројот на жртви на сообраќајниците. Минатата 2021 година има 116 жртви и тоа е година со најмал број на жртви во сообраќајот во последните 15 години, нагласи Ангеловски.

Тој информира дека податоците од првите седум месеци во 2022 година покажуваат дека и оваа година продолжува трендот на намалување на бројот на жртви во сообраќајните несреќи.

– Во првите седум месеци од 2022 година има 61 жртва, што е за 19 помалку споредено со истиот период лани, кога имало 80, рече портпаролот на МВР Тони Ангеловски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.