Многумина сметаат дека септември во Грција, кога гужвите и жештините стивнуваат, е најдобро време за вистински одмор и уживање. Оние што редовно го одбираат овој месец за летување, како најдобар избор ја издвојуваат Лефкада. Еве зошто:

Морето на Лефкада е најтопло во септември

Иако првата грижа поврзана со одморот во овој период е температурата на морето, водата на островот е всушност потопла во септември отколку во јули и во август. Обично е околу 28 степени. Ова значи дека, ако и онака планирате одмор надвор од главната сезона, септември е многу подобра опција од јуни. Според искуствата на туристите споделени со „Грчка инфо“, морето може да биде прилично студено во јуни.

Пријатно време

Температурата на воздухот во текот на септември во Лефкада се движи од 25 до 30 степени, што е идеално за многумина. Сè уште можете да пливате, да се сончате и да уживате во сите летни и морски активности, но без жештината што ја носи шпицот на сезоната. Исто така, ноќите се посвежи, па спиењето е многу попријатно.

Пријатното време дополнително го олеснува и истражувањето на Лефкада и нејзините плажи, особено што некои од најубавите плажи на островот имаат малку потежок пристап. Благодарение на пониските температури можете цел ден да го помините на плажа, што е голема предност во Лефкада.

Помалку туристи – помалку гужви

Гужвите знаат да бидат неподносливи и да го расипат патувачкото искуство и уживањето на плажите и атракциите, но од друга страна и летување во целосна пустелија не е најдобро.

Лефкада во септември има совршен баланс – има помалку туристи отколку во јули и август, што многумина ги радува и им го подобрува престојот, но островот е сè уште жив и посетен. Кога сакате да бидете малку осамени и да имате целосна приватност, има бројни заштитени плажи и заливи каде никој нема да ви пречи.

Полесно движење околу островот

Потребно е возило за да се доживее Лефкада во полн сјај. Неговите најубави плажи и атракции се расфрлани низ островот, па повеќето луѓе поминуваат дел од денот возејќи. Секако, со помал број на туристи, има и помалку возила во оптек, така што полесно и побрзо се доаѓа до вашата дестинација и поминувате помалку време во автомобилот.

Не треба да се занемари ниту патот до Лефкада од Македонија, па без гужви на патиштата и на границите многу полесно ќе се помине.

Пониски цени

Една од важните предности на летувањето во вонсезона се попристапните цени за сместување и сите други содржини. Искуството покажало дека дури и цените во продавниците, сувенирниците и другите продавници наменети за туристи се значително поевтини.

Сместување

Со пониски цени полесно е да се избере и добра сместувачка база во септември. Иако во нашите туристички понуди предничат аранжманите за Нидри, токму поради поповолното сместување во однос на другите одморалишта на Лефкада, сепак, туристите кои биле таму главно се согласуваат дека Нидри не е најдобриот избор, пред сè затоа што се наоѓа на помалку атрактивната источна страна на островот, каде и морето и околината се полоши.

Со пониски цени, местата како Василики и Агиос Никитас и други кои се поблиску до западната страна, каде што можете да најдете речиси сè за што доаѓате во Лефкада се попристапни.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.