На почетокот на месецов Грција укина голем дел од рестрикциите за спречување на ширењето на ковид-19, а единствената мерка што сè уште е во сила е маската во затворени простори, јави дописничката на МИА од Атина.

За патување во Грција повеќе не е потребен ниту сертификат за вакцинација, ниту негативен резултат од направен тест, додека пак веќе два месеци е укинат и ПЛФ – формуларот. Истото важи и за внатрешноста на земјата, односно за влез во затворените објекти не е потребен документ за ковид-19, како што беше пракса претходно.

Единствената мерка што е актуелна кај јужниот сосед, а важи како за Грците, така и за туристите е задолжителната маска во затворените простори, како што се превозните средства, продавниците, супермаркетите, болниците и слично.

Казната за непочитување на мерката, односно неносење маска во внатрешните објекти е 300 евра.

Од 1 јуни, како што веќе соопшти министерот за здравство, ќе биде укината и оваа мерка, со што летото во Грција ќе биде целосно слободно и без никакви ограничувања.

Маската ќе остане задолжителна само во болниците, домовите за стари лица и јавниот градски сообраќај, а ќе се укине и за авионите и за превозните средства со нумерирани седишта, како што се возовите и меѓуградските автобуси.

За употребата на маската во образовните институции и во бродскиот сообраќај, Комисијата на епидемиолози ќе одржи нов состанок следнава седмица.

Укинувањето на задолжителната употреба на маска значи дека нема да се изрекува административната казна, но сепак останува охрабрувањето и препораката, дека ќе треба да се користи маската во сите простори, особено за населението кое припаѓа на ранливите категории – рече во средата министерот за здравство на Грција Танос Плеврис.

Сепак, укинувањето на мерките во Грција е привремено, бидејќи на есен, од септември, во зависност од текот на пандемијата, не е исклучена можноста одново да се воведат претходните рестрикции што се однесуваат на сертификатите и маските.

Доколку се направи анализа на секојдневните официјални податоци од Националната организација за јавно здравје, во изминатите десет дена во Грција беа регистрирани вкупно 43.104 случаи на ковид-19, а почина вкупно 201 лице, што е во просек по 4.300 заразени дневно и 20 смртни случаи на дневно ниво.

Од ден на ден, според истите податоци, се намалува и бројот на пациенти приклучени на апарати на одделите за интензивна нега во грчките болници.

Од почетокот на пандемијата, во земјата има 3.414.189 случаи на ковид-19 и 29.658 починати лица.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.