Австралискиот Милионер, Метју Лепре, бара личност која ќе патува со него по светот. За оваа „работа од соништата“, како што многумина ја опишуваат, тој нуди плата од околу 52.000 австралиски долари (околу 35.000 евра).

Лепре (31) се занимава со трговија на интернет. Тој ја изградил својата деловна империја, откако го напуштил универзитеот на 23-годишна возраст. Во рамки на својата работа, често и патува. Тој вели дека поради работните обврски, последниве пет години посетил 30-на земји, па сега бара помошник или помошничка што ќе го придружува на патувањата, пишува „Ледбајбл“ (Ladbible).

Барам посветена личност која ќе ми помогне во мојот бизнис. Ми треба десна рака којашто ќе ми помогне во патувањето и административните задачи, вели Лепре.

Може да се пријават и лица без претходно искуство, а конкурсот е отворен за сите кои имаат важечки пасош, кои сакаат да патуваат, педантни се во работата и можат да ја прекинат врската со постојните работни места. Покрај платата, платени се и патните трошоци, а помошникот ќе може да ги вози и скапите автомобили на работодавецот.

Заинтересираните за новото работно место може да се пријават преку неговата интернет-страница „Ecom Warrior Academy“.

Пред четири години Лепре објави сличен повик, па тогаш се пријавија околу 70.000 луѓе. На крајот, студентка по мода ја доби работата. Истата година, тој посака и личен фотограф заради попрофесионален Инстаграм-профил, нудејќи плата од 52.000 австралиски долари.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.