Со нешто помалку од половина милион посетители, Македонија е на 11. место меѓу топ 15 земји со најголем број посетители во Грција во 2021 година, согласно анализата на Институтот на Здружението на грчки туристички бизниси (ИНСЕТЕ), јави дописничката на МИА од Атина.

Под наслов „Кој каде оди? Колку долго останува? Колку троши?“, ИНСЕТЕ ги анализира официјалните податоци од Банката на Грција за туризмот минатата година, а поконкретно се фокусира на бројот на туристи во секој од 13. грчки региони.

Првите 15 земји со најголем број посети и посетители на Грција се Германија, Велика Британија, Франција, Италија, Бугарија, Полска, Романија, Холандија, САД, Кипар, Македонија, Швајцарија, Австрија, Србија и Белгија.

Конкретно за Македонија, минатата година, бројот на посетители е речиси двојно помал (за 49,4 отсто) во споредба со 2019 година, односно 479.000 посетители лани, наспроти 948.000 пред три години.

Во 2019 имало 962.000 посети од нашата земја, наспроти 480.000 посети лани, а мнозинството посети се во северниот дел на Грција.

Согласно податоците и анализите, нашата земја е непроменета на 11. позиција. Од земјите од регионот, пред нас е Бугарија, на петто место, а зад нас Србија на 14 место.

Во 2021 година во Грција беа реализирани вкупно 16.376.000 посети во 13-те региони на земјата, што покажува намалување од 55,3 отсто во однос на 2019 година кога имаше 36.643.000 посети. Бројот на посети е поголем од бројот на посетители кој во 2021 година изнесувал 31.348.000, бидејќи еден посетител може да посети повеќе од еден регион при своето патување во Грција – пишува во анализата.

Топ три земји со најголем број посети и посетители се Германија, на првото место со 3.001.000 посетители, Велика Британија со 1.591.000 и Франција со 1.175.000 посетители.

Доколку се направи споредба на податоците од 2021 година, со оние од 2019 година, најголем пад, за 80,4 отсто има кај посетителите од Бугарија.

Намалениот број посетители од Македонија во текот на минатата година веројатно се должи на тоа што границите беа отворени на средината на мај и за патување потребен беше документ за Ковид-19, односно сертификат за вакцинација, потврда за прележана болест или негативен тест од ПЦР или рапид тест.

Во однос на перифериите, што е и предмет на анализата, најпосетени се островите во јужниот дел на Егејското море, втор е Крит, а потоа следи централниот дел од северна Грција – регионот во кој спаѓаат Солун и Халкидики, каде што посетителите од Македонија се меѓу првите три земји.

На трето место е регионот централна Македонија со 2.934.000 посети, а најголем дел од посетите се од Бугарија (529.000). Потоа следат посети од Германија (480.000) и Македонија (461.000).

Сепак, иако Македонија е меѓу првите три земји по бројот на посети во конкретниот регион, сепак не е во топ трите држави според бројот на ноќевања и според направените трошоци за време на престојот. 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.