Синоќа во Кристалната сала на Офицерскиот дом-КИЦ Битола, се случи величенствен спортско-културен настан, кој ја исполни салата и срцата на присутните со возбуда, восхит и возвишеност…Така е отсекогаш. Со големите дела и подвизи на поединците да се идентификуваме сите како народ. Токму таков личен голем подвиг, синоќа сподели со нас еден од најголемите македонски планинари, д-р Сашко Кедев, презентирајќи ги осумте врвови над 8000 м, од постојните 14 светски кои тој ги освоил во изминатите години.

На самиот почеток , д-р Сашко Кедев, изразувајќи благодарност на присутните и организаторите ПСК Пелистер и КИЦ Битола, рече дека од секогаш ја сакал Битола и многу ги ценел битолчани бидејќи од тука потекнуваат корените на македонското планинарство и алпинизам уште од 1989 кога на првата македонска експедиција на Еверест кога и загина битолчанецот Димитар Илиевски Мурато, симбол на битолскиот и македонскиот алпинизам.

Во текот на презентацијата д-р Сашко Кедев на публиката им понуди интересни случувања и допадливи факти со случки и анегдоти околу тие искачувања, користејќи и имиња на шерпаси и водичи како и легендарни планинари кои веќе не се меѓу нас…Неспоредливо искуство и дело за почит.

Во преполната сала беа присутни бројни планинари, јавни личности, граѓани кои по презентацијата споделија свои искуства, фотографии за планинарските искуства, сеќавања за настани и личности и следни предизвици.

Организатори на настанот беа ПСК Пелистер и КИЦ Битола.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.