Сергеј Варошлија, Моника Црнокрак, Иван Наумовски, Калтрина Круезиу, Октај Сејди и Сара Дамчевска се појавуваат во промотивно видео кое го најавува четвртото издание на Скопски моден фестивал (Skopje Fashion Festival) кој е поддржан од Државна Лотарија.

Културно-забавната манифестација од 3 до 6 април ќе се одржи во трговскиот центар „Дајмонд мол“, a ќе биде во знакот на одбележувањето два големи јубилеи на познати брендови од домашната сцена, како и гостувања на повеќе реномирани балкански дизајнери, кои премиерно учестуваат во рамки на четиридневната официјална програма на настанот.

„Среќата е насекаде!“ е слоганот на ова издание на Скопскиот моден фестивал каде што во четири дена, публиката ќе има прилика да проследи оригинален спој на модни ревии и уметнички перформанси, музички, танцови и сценски изведби, шоу настапи на познати ѕвезди, како и гала вечер со драмски призвук за свечено отворање на настанот, под закрила на маркетинг агенцијата и продукција MAX Management Agency.

Фестивалот го отвора македонската дизајнерка Ивана Кнез, која со јубилејната ревија „Viva La Drama“, тајно подготвува вистинско шок искуство за присутните гости, а со кое ќе ги кулминира петнаесетте години од нејзиното „драматично постоење“ на нашата модна сцена. Затворањето на фестивалот, пак, резервирано е за прослава на уште еден голем јубилеј, овојпат на најпознатиот домашен бренд за интимна облека Sara Fashion, кои ќе ги обележат дваесет и петте успешни години, со возбудливо шоу кое ќе изнуди воздишки на многубројните посетители, подеднакво со моделите на пистата и со забавата на подиумот, каде како специјални музички гости ќе настапат членовите на музичката група The Blackberries Band, најавува Милан Атанасов, креативен директор на настанот.

Организаторот најавува со црвен килим по холивудски терк, на кој се очекува да зачекорат претставници на дипломатскиот кор и бизнис заедницата, истакнати поединци од културната сцена, акредитирани новинари, фотографи и уметници, како и познати имиња од светот на модата и забавата како ВИП посетители.

Автори на видеото се дуото Генц Халими и Амел Амед, уметнички режисер и сценограф е артистот Бојан Ковски, а како продуцент на кампањата се потпишува Ангелина Китановска, извршен директор на Скопски моден фестивал. Двете впечатливи женски креации се изработки на дизајнерките Блерта Османи и Ивана Кнез, третиот изглед е шик комбинација од брендот Sara Fashion, а дел од машката постава носи костуми од Altinyildiz Classics и AC&co. Блескавиот и гламурозен накит е од Ador, додека чевлите и чантите се од Marabella.
Кампањата е снимена во луксузниот ентериер на хотелот Limak во Скопје. За шминката е заслужна визажистката Неше Салих, а за фризурите се погрижи студиото Social Hair Salon.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.