Во март ќе се одржи првиот скопски моден фестивал, најголема модна манифестација во
македонската метропола, најавува организаторот. Наспроти класичните недели и викенди, фестивалските активности ќе се одвиваат во текот на еден цел месец, паралелно со случувањата во познатите светски центри.

Скопски моден фестивал е нова забавна манифестација за сите љубители на дизајнот, културата и уметноста, која на едно место ќе ги обедини сите еминентни дејци од креативната индустрија, а истовремено ќе им даде простор и на младите таленти да ги промовираат своите дела, велат од организацијата.

Првата сезона на настанот ќе се одржи во текот на месец март под слоганот „The Future was Present”, со модни ревии и перформанси, ексклузивен продажен шоурум, дигитални проекции и изложби, богата музичка програма и гала вечер со црвен килим за свеченото отварање.

Целта на фестивалот е да биде прослава на модата во сите можни форми, доближувајќи ја до што поголема бројка на публика. Промоцијата на креациите не завршува со моделските чекори на писта или едноминутното видео на социјалните мрежи. Низ серија од активности ќе поттикнеме масивен одѕив во јавноста, за да тие финално стигнат до потенцијалните купувачи и модни вљубеници, истакнуваат организаторите на манифестацијата.

Заштитни лица на првата сезона се трите сестри Ангелина, Ива и Сандра Китановски. Видеото за фестивалот го сними Филип Пашоски.

Во модното видео и едиторијал со југоносталгичен дух и футуристички мотиви, застапени се креации од последните колекции на Евгенија Зафировска, Стефанија Насеска, KTN, Мирјана Јосифоска и La Dama. Како стилист на кампањата се потпишува Веселинка Паневска, додека автори на фотографите се Филип Пашоски и Сони Романов. Уметнички директор и извршен продуцент на настанот е Милан Атанасов.

Минатото и иднината се две сеприсутни димензии во светот на модата. Во најавното видео за првата сезона, тие се испреплетуваат низ визуелната игра со контрасти и проекции, но и безвременските парчиња кои совршено се вклопуваат во тематската приказна. Ме радува фактот што целата кампања наиде на позитивен одек уште за време на снимањето, а особено големиот интерес меѓу дизајнерите, како од земјата, така и од странство, своите нови колекции да ги претстават на фестивалот, вели продуцентот Атанасов.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.